Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) на Обединетите нации го одобри планот на Јапонија за испуштање на отпадните води од нуклеарната централа Фукушима во морето. Агенцијата кажа дека планот е во согласност со меѓународните стандарди, а испуштањето ќе има незначително влијание врз животната средина.
Јапонија се реши на ваков чекор зашто ѝ снемува простор за складирање на водата која служеше за ладење на нуклеарните реактори. Кина и Јужна Кореја се спротивставија на планот. Засега не е познато кога би почнало испуштањето.
Три реактори во нуклеарката беа поплавени откако катастрофален земјотрес предизвика цунами во 2011 година. Повеќе од 150.000 луѓе беа иселени од околината на нуклеарката, чие деактивирање е почнато, но процесот би можел да трае со децении.
Шефот на ИАЕА, Рафаел Гроси, денеска ги објави резултатите од двегодишната безбедносна анализа и вети дека ќе продолжат да ѝ помагаат на Јапонија и откако водата ќе биде испуштена.
Постројката создава 100 кубни метри отпадни води секој ден, а тамошните резервоари имаат капацитет од 1,3 милиони кубици. Најголемиот дел од радиоактивните елементи се исчистени од водата, со исклучок на тритиумот, изотоп на водородот кој тешко се одвојува од водата. Јапонските власти кажаа дека водата што ќе се испушта во Тихиот Океан е третирана со морска вода, па количеството тритиум е далеку под меѓународно одобрените нивоа.