Русија ќе продолжи да им се спротивставува на западните санкции, кажа Владимир Путин во видеообраќањето на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), чии членки се и Кина и Индија. Тој ги поддржа трговските договори помеѓу членките на организацијата во локални валути, што се сфаќа како обид да се ублажи ударот на санкциите.
„Русија се спротивставува на сите овие надворешни санкции, притисоци и провокации и продолжува да се развива како никогаш досега. Западот е тој кој ја претвори Украина во изразено непријателска држава на Русија“, кажа Путин.
Тој нагласи дека рускиот народ е обединет како никогаш досега и им се заблагодари на членките на организацијата што ги поддржале руските власти за време на краткотрајната побуна на „Вагнер“.
„Рускиот народ е поконсолидиран од кога било. Руските политички кругови и целото општество јасно покажаа солидарност и висока одговорност за судбината на татковината, истапувајќи како обединет фронт против обидот за вооружен бунт“, изјави Путин.
Кина, Русија и четири централноазиски држави ја основаа ШОС во 2001 година како контрамерка за ограничување на влијанието на западот во регионот. Подоцна се приклучија и Индија и Пакистан, а Белорусија, Монголија и Иран имаат статус на набљудувачи.