Кокаинот бил белата супстанца поради која била евакуирана Белата куќа во неделата вечер, покажаа тестовите. Супстанцата била пронајдена во работна област на зградата за време на рутинска инспекција.
„Вашингтон пост“ прв ги објави прелиминарните наоди од тестирањето, кое било позитивно на кокаин.
Џо Бајден и неговото семејство не биле во Белата куќа кога супстанцата била пронајдена. Целиот комплекс бил затворен од претпазливост во неделата вечер по локално време откако агенти на Тајната служба пронашле бел прашок во работна област во Западното крило. Веднаш биле повикани пожарникари, кои утврдиле дека супстанцата е безопасна.
Портпаролот на Тајната служба, Ентони Гуљелми, не ги потврди наодите од првичното тестирање, додавајќи дека ќе бидат направени уште тестови и дека истрагата е во тек.
Извори од Белата куќа кажаа дека кокаинот бил пронајден во шкаф што редовно го користат вработените и гостите за да ги остават мобилните телефони.