УАПСЕНИ 18 ЛИЦА, ОД КОИ ПЕТМИНА ПОЛИЦАЈЦИ, ЗА ШВЕРЦ НА УКРАДЕНИ ЛУКСУЗНИ АВТОМОБИЛИ ОД ЕВРОПА

    УАПСЕНИ 18 ЛИЦА, ОД КОИ ПЕТМИНА ПОЛИЦАЈЦИ, ЗА ШВЕРЦ НА УКРАДЕНИ ЛУКСУЗНИ АВТОМОБИЛИ ОД ЕВРОПАНајголем дел од автомобилите биле предмет на меѓународни потраги. (архивска фотографија)

    Скопското обвинителство отвори истрага за криумчарење луксузни автомобили со 20-мина осомничени, од кои петмина се вработени во МВР. Обвинителството соопшти дека до овој момент од слобода се лишени вкупно 18 лица, додека по двајца сè уште се трага и за нив ќе биде предложена мерка притвор во отсуство.

    Осуммина од онив се осомничени за кривичните дела Криумчарење, Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, Компјутерски фалсификат и Фалсификување исправи, а останатите 12 физички и едно правно лице се осомничени за кривични дела кои се гонат во скратена постапка.

    „Обезбедени се докази дека во текот на 2021 и 2022 година, осомничените организирале и учествувале во пренесување на патнички моторни возила избегнувајќи ја царинската контрола како непријавена стока во вкупна вредност од големи размери, употребувале лажни јавни исправи како вистинити за да ги регистрираат автомобилите, по што ги продавале возилата за кои знаеле дека се предмет на кривично дело“, велат од обвинителството.

    Најголем дел од автомобилите биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа осомничените службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.

    Со цел да се прикријат трагите, додаваат од обвинителството, автомобилите меѓусебно ги препродавале по неколкупати за краток временски период, по што трајно ги оттуѓувале на физички и правни лица во државава.
    Во текот на постапката обезбедени се докази за внес и препродажба на 14 вакви автомобили и еден мотор, со вкупна првично проценета вредност од над 500.000 евра.

    Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка притвор за осум осомничени за кои ќе се води истрага, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира