МИЦКОСКИ Е НАЈГОЛЕМО ЃУБРЕ, ЌЕ ГО ИСЧИСТАМ И НЕГО, РЕЧЕ АРСОВСКА, ОД ВМРО-ДПМНЕ СЕ СОМНЕВААТ ВО НЕЈЗИНАТА ДЕЛОВНА СПОСОБНОСТ

    МИЦКОСКИ Е НАЈГОЛЕМО ЃУБРЕ, ЌЕ ГО ИСЧИСТАМ И НЕГО, РЕЧЕ АРСОВСКА, ОД ВМРО-ДПМНЕ СЕ СОМНЕВААТ ВО НЕЈЗИНАТА ДЕЛОВНА СПОСОБНОСТАрсовска кажа дека проблемот со несобирањето на ѓубрето го прават мафијашки структури кои веќе неколку дена ја блокираат работата на „Комунална хигиена“ поради лични интереси.(Фото: Принтскрин Град Скопје)

    Скопската градоначалничка Данела Арсовска по дводневаната кризна ситуација со ѓубрето низ улиците во недела доцна навечер одржа прес-конференција, на која за проблемот го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    „Погледнете ги овие политички стаорци кои излегоа на улиците, вчера ниту институциите не можеа да реагираат и тоа е доказ дека правната држава не функционира. Сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека е разобличен вечерва затоа што бескрупулозно создава проблеми за граѓаните кои сака да прикаже дека тој ги решава. Ваквите политичари се најголемо ѓубре. Ние вечерва со чистењето на улиците ќе почнеме со чистењето на ѓубрето, ќе ги чистиме и нив“, рече Арсовска.

    Таа кажа дека проблемот со несобирањето на ѓубрето го прават мафијашки структури кои веќе неколку дена ја блокираат работата на „Комунална хигиена“ поради лични интереси.

    „Се работи за лица кои 15 години работеле само трета смена спротивно на закон и колективен договор, голем дел од нив воопшто не се појавувале на работа и не ги извршувале своите работни обврски. Сега истите не дозволуваат сите останати 1.300 вработени да ја извршуваат работата. Иако нема законски најавен штрајк и не се вработени, тие извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска.

    Градоначалничката рече дека има список на кој како вработени во претпријатието се роднини до трето колено на синдикалниот лидер Дели Дардишта.

    Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се сомневаат во деловната способност на Арсовска.

    „Ја разбираме специфичната состојба во која се наоѓа Данела Арсовска, иако не ја оправдуваме истата. Веројатно ѓубрето е помалиот дел од проблемот, туку личноста со слични карактеристики на него, која го води градот. Оттука изразуваме сериозен сомнеж за деловната способност на Арсовска да го води градот. Нема претпријатие кое не го упропасти, а последниот случај покажа дека ЈП ‘Комунална хигиена‘ може да работи само во тесна соработка со полицијата на Спасовски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Камионите на „Комунална хигиена“ со полициска интервенција излегоа на улиците да го собираат ѓубрето.

    Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори есента 2021. Тогаш сите сегашни градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ шетаа со неа на изборните митинзи и ги повикуваа граѓаните да гласаат за Арсовска како жена менаџер, која ќе го направи Скопје модерно место за живеење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира