Поранешниот заповедник на руска подморница Станислав Ржицки е убиен додека џогирал во градот Краснодар, објавија руските медиуми. Четириесет и двегодишниот Ржицки, кој работел како заменик-шеф на центарот за мобилизација во овој град, бил застрелан со неколку куршуми во градите и грбот од засега непознат напаѓач.
Неколку руски медиуми шпекулираат дека тој можеби бил следен преку фитнес апликацијата Страва, бидејќи редовно трчал по истата маршрута. Властите отворија истрага за убиството.
Капетанот на руската морнарица бил убиен додека трчал во утринските часови во парк, кој во тие моменти бил празен поради силен дожд.
Ржицки порано бил заповедник на подморницата „Краснодар“ и украинските власти веруваат дека тој командувал со неа кога бил изведен ракетниот напад на градот Виница во јули 2022, во кој загинаа 23 луѓе. Сепак, неговиот татко изјави дека тој ја напуштил руската војска уште во декември 2021.