Како се поставуваа директори во јавните претпријатија во Битола, беше една од темите за која жестоко се дебатираше на последната седница на Совет во Битола меѓу ВМРО-ДПМНЕ и независната советничка група Поинаку, кои до неодамна беа советничко мнозинство, но веќе не се поддржуваат.
Советници од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваа Поинаку дека не презема одговорност, зашто на советникот Иван Чулакоски му било понудено директорско место во ЈП „Комуналец“, но тој одбил. Чулакоски од Поинаку возврати дека е дизајнер, а не комунален експерт и дека мнозинството пропадна зашто локалната власт не го исполни претходно договореното да се изберат експерти во јавните преторијатија, а не партиски луѓе.
„Вие немате преземено одговорност. Во една и пол година се однесувате на говорница како англиска кралица, сакате да давате туторијали, кој како да работел, што да работел. Преземете еднаш одговорност! Еве и директно прашање дали дали на Поинаку им беше понудено местото директор на Комуналец и зошто не го прифативте? Можеби немаше да течат камионите со отпад, можеби некое поубаво корито ќе најдевте, ако бевте директор. Еве вие бидете, Чулакоски, директор“, рече советникот Ѓорги Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
На ова Чулакоски реплицираше: „Дизајнер сум, а не сум за директор на ‘Комуналец’“.
„Ни било понудено директорско место, кој сте вие да ни понудите? Како тоа ни понудивте на нас? Нели треба да има експерти во јавните претпријатија? Тоа е едно од договорот што не го испочитувавте од таканаречената коалиција што никогаш ја немаше. Тоа беше договорот да нема партиски вработувања, партиски директори, да ставиме експерти од областа“, рече Чулакоски.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку обвини дека во година и пол оваа локална власт нема распишано ни еден оглас за директор на јавно претпријатие. Назначаните се вршители на должност.
„Директорите од дома ги барате? Тие треба да се барат на јавен повик со исполнување на услови. Година и пол не објавувате оглас. Со години во овој Совет се зборува дека треба да се стават експерти и и да се престане со она ‘човек од партија’. Постевени за в.д. и на 6 месеци мандатот се продолжува. Имавме такви примери и кога беше Владимир Талески, некои беа и по 12 години в.д. директори“, рече Илиевска.
Таа посочи дека лице кое било дел од управните тела на едно од претпријатијата, било вработено во истото претпријатие. Понатаму, вработени од Општината се дел од управни и надзорни одбори во претпријатијата. Блиски роднини на директори членуваат во управни тела на јавни претпријатија.
„По 16 функции едно лице има во вашата партија“, рече таа.
Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека директорите на јавните претпријатија дел се в.д., може и сите, но тоа е сосема законски и ги исполнуваат законските услови.
Независната граѓанска иницијатива Поинаку до пред два месеца беше дел од советничкото мнозинство. Но, Поинаку почна да критикува дека не се реализираат ветените проекти, по што запре соработката. По ова, во Советот почнаа да не поминуваат дел од иницијативите на локалната власт. На последната седница од Поинаку јавно признаа дека во изминатата година и пол премолчиле некои работи за кои претходно критикувале, се јаделе во себе, но се што направиле било со цел и надеж дека ќе завршат значајни прокети за градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА