ОХРИДСКО ЛЕТО Е ПОДАРОК ВО ОВОЈ СВЕТ НА ЛАЖНИ ВЕСТИ – ПОЧНА НАЈГОЛЕМИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ЗЕМЈАВА

    ОХРИДСКО ЛЕТО Е ПОДАРОК ВО ОВОЈ СВЕТ НА ЛАЖНИ ВЕСТИ – ПОЧНА НАЈГОЛЕМИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ЗЕМЈАВАГеоргиу настапи во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет. (Фото: Министерство за култура)

    Светски познатата оперска дива Анџела Георгиу, во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) синоќа го отвори 63. издание на фестивалот Охридско лето. Тие настапија под диригентство на Чипријан Теодорашку од Романија, и приредувајќи незаборавна вечер за публиката во полниот Антички театар.

    Фестивалот, по традиција го отвори, покровителот, претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека повеќе од шест децении Охридско лето е место каде што пристигнуваат најрелевантните уметнички продукции од сите страни на светот.

    „Тука раскошот на природниот амбиент со векови ги инспирира луѓето да го покажат најдоброто во градителството, уметноста и духовноста. На таа хармонија и убавина, на историјата и културата, фестивалот Охридско лето природно и спонтано се надоврзува, нудејќи го најдоброто од музичката и сценската уметност, грижливо селектирано од сите светски меридијани“, рече Пендаровски.

    Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. (Фото: Министерство за култура)

    „Во време во кое пред очи ни се менува светот со брзина напати тешко совладлива за нашиот разум, брзина која заплашува и ни се чини дека не ветува ништо добро, уметноста, како и многупати досега, ни го чува стравот со својата смирувачка порака – сè ќе биде во ред! Да. Во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост. За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед. Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина. Затоа, Охридско лето е подарок. А токму овие седишта од камен на кои седиме во Античкиот театар“се сведоштво дека културата кај нас има стар датум. Таков е нашиот Охрид, со право – наша духовна престолнина, наш неизбришлив културен код, лулка на сесловенската писменост. Охридско лето е неговата најдобра разгледница“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Уметничката порака годинава годинава ја пренесе диригентката и селекторка на музичката програма Бисера Чадловска, која рече дека за нив, уметниците, овие сцени во Охрид се остварување на соништа кои ги сонувале од деца, мислејќи дека можеби никогаш нема да им се реализираат.

    „Но, еве сме тука, исполнети, горди и нетпреливи да го слушнеме првото штимање на оркестарот, кое ќе не внесе во претстојните 40 дена исполнети со прекрасна уметност“, кажа Чадловска.

    Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ. (Фото: Министерство за култура)

    Почетокот на 63. издание на Охридско лето беше означен со традиционалниот фестивалски оган што го запали директорката на Фестивалот,  Наташа Поповиќ и интонирање на фестивалската химна напишана од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски.

    Вечерва на програмата на Фестивалот, кој ќе трае до 20. август, е концертот на Нишкиот симфониски оркестар, во 21 часот, во црквата „Св. Софија“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира