Тепачка изби во косовскиот парламент, а врз премиерот Албин Курти беше истурена вода за време на вжештената тридневна дебата за аудиоснимката помеѓу член на владејачката партија и функционер од северниот дел на земјата, каде што Србите се мнозинско население.
Дебатата уследи откако сајтот „Национале“ објави аудиоснимка од разговор помеѓу претседателката на партијата на Курти, Мимоза Кусари-Лила и поранешниот српски пратеник Славко Симиќ, на која таа вели дека претходно разговарала и со српскиот функционер Милан Радојчиќ, кој се наоѓа на црната листа на САД поради корупција и организиран криминал. Радојчиќ исто така е баран од косовските власти.
Опозициски пратеник денеска фрли вода врз Курти додека беше на говорницата, а мешаницата се прошири кога пратениците се доближија до подиумот каде што седат министрите. Курти беше оттргнат од своите телохранители, додека пратениците од двете страни се напаѓаа едни со други, па мораше да интервенира и полицијата.
Опозицијата долго време го обвинува Курти дека ги подгрева тензиите на северот, што придонесе земјата да ги влоши односите со САД и Европска Унија. Тензиите се засилија откако новоизбраните градоначалници од албанските партии сакаа да ги преземат функциите во четирите општини со мнозинско српско население, што доведе до судири и нереди.