СЕ НАДЕВАМ ДЕКА МОИТЕ БЛИСКИ ОД НЕКАДЕ ГО ГЛЕДААТ ФИЛМОТ И СЕ СМЕШКААТ, ВАРДАН ТОЗИЈА ГО ПОСВЕТИ ФИЛМОТ „М“ НА НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО КОЕ НЕ ЈА ДОЧЕКА ПРЕМИЕРАТА

    СЕ НАДЕВАМ ДЕКА МОИТЕ БЛИСКИ ОД НЕКАДЕ ГО ГЛЕДААТ ФИЛМОТ И СЕ СМЕШКААТ, ВАРДАН ТОЗИЈА ГО ПОСВЕТИ ФИЛМОТ „М“ НА НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО КОЕ НЕ ЈА ДОЧЕКА ПРЕМИЕРАТАСашко Коцев, Александар Ничовски, Вардан Тозија, Матеј Сиваков и Влатко Самоиловски на премиерата на „М“ на Синедејс. (Фото: К. Попов)

    „Овој филм го посветувам на тие неколку мои луѓе кои прерано заминаа и не дочекаа да ја видат премиерата. Се надевам дека од некаде гледаат и се смешкаат. Ваљда им е ок“, рече режисерот Вардан Тозија на синоќешната премиера на неговиот втор долгометражен филм „М“, со кој се отвори 22. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс.

    Вардан е син на големaта актерка Сабина Ајрула и режисерот и амбасадор Љупчо, и внук на филмскиот продуцент Горјан Тозија, кои починаа во период од 4 години.

    Премиерата на „М“ го преполни паркот зад Младинскиот културен центар и киното Фросина, со публика од над илјада гости, кои со овации ја поздравија екипата на филмот.

    Вардан потсети дека поминаа 4 години како го снимија филмот, кажа дека се изнамачиле, и се заблагодари на целата екипа и на поддршката од МКЦ.

    Матеј Сиваков како осумгодишниот Марко, во сцена од „М“. (Фото: МКЦ)

    „М“ е дистописка приказна за дете кое си ја бара мајка си во свет разорен од вирус што ги обесчовечува луѓето. Играат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев. Во македонските кина ќе игра од почетокот на октомври. Сценариото е на Тозија и режисерот Даријан Пејовски, а кинематографер е Влатко Самоиловски. Продуцент е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

    Тулиев, Ничовски, Коцев, Сиваков и хрватската глумица Бојана Грегориќ-Вејзовиќ. (Фото: К. Попов)

    „Имаме совршено отворање на фестивалот, повеќе од 1000 гледачи го следеа филмот ‘М’ на Вардан Тозија без здив, и во паркот зад МКЦ и во киното Фросина. Благодарност до режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфера и заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме низ целото издание на Синедјес затоа што имаме одлична програма која витешки ја сработивме со драстично намален буџет. Се надевам дека годинешниов исклучок нема да биде практика“, рече Маргарита Арсова, програмски координатор на Синедејс.

    Во главните улоги е и Сашко Коцев. (Фото: МКЦ)

    Фестивалот Синедејс ќе трае до 18 јули, ќе се прикажат повеќе од 40 филмови, и ќе имаат над 50 гости. Слоганот е „Муви најт“, а проекциите ќе бидат во паркот зад МКЦ, киното Фросина и летното кино на отворено во Кинотека.

    Затворањето е со премиерата на филмот на режисерот Гоце Цветановски, „Бизнисот на задововолството“.

    Премиерата на „М“ го преполни паркот зад Младинскиот културен центар. (Фото: МКЦ)

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира