Целосно изгоре колата „ауди-А 3“ во сопственост на началникот на СВР Штип Боби Гидиоски, во пожар што се случил ноќеска во три часот на улицата Ванчо Китанов во населбата Сењак каде тој живее, потврди портпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова. Таа вели дека пожарот се испитува и се утврдува како настанал.
„Пријавата пристигнала од граѓанин, по што веднаш во ноќта била известена Противпожарната единица во Штип која интервенирала и спречила пожарот да не се прошири и на останатите паркирани возила. Истрагата ќе покаже дали пожарот бил подметнат или се работи за нешто друго“, вели Панајотова.
Гидиоски, кој потекнува од Македонски Брод, како стручен кадар на МВР дојде за началник на СВР Штип пред година и пол, кога имаше повеќе кадровски промени во Секторот за внатрешни работи Штип кој го покрива целото подрачје на Источна Македонија.
Т. ЈОВАНОВСКИ