Јавната установа Национален парк Шар Планина на прес-конференција информираше дека приватни фирми и натаму се обидуваат да продолжат со градење на две мали хидроелектрани, иако тоа е против планот за управување со заштитеното подрачје. Вработените во националниот парк на терен стопирале геодетски работи за продолжување на изградбата на тие објекти. На состанокот со претставниците на фирмите дознале дека тие имале договор со кој им бил продолжен рокот за градење на хидроелектраните.
„Изготвен е анекс на договорот, со кој давателот на концесијата, Министерството за животна средина и просторно планирање, го продолжува рокот за концесионерски договори за користење вода за производство на електрична енергија за малите хидроцентрали ‘Пена 84‘ и ‘Пена 85‘ од 25 јануари 2023 до 25 ноември 2024. Понатаму, фирмата концесионер приложи и решенија за изменување и продолжување на решението за стекнување привремен статус за повластен производител од 25 јануари 2023 до 25 ноември 2024 за ‘Пена 84‘ и ‘Пена 85‘. Ова решение за продолжување на рокот е потпишано на 15 јуни 2023 од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и доставено до ‘Гравис хидро‘, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за енергетика, операторот на пазарот на електрична енергија и операторот на електродистрибутивниот систем. ЈУ НП Шар Планина воопшто не е известена за овие промени“, изјави Ибрахим Дехари, директорот на НП Шар Планина.
Од Националниот парк Шар Планина се загрижени за нетранспарентноста на процесите кои се водат, а ги засегаат користењето на ресурсите, биолошката разновидност и локалното население на територијата на паркот и целиот Полошки Регион.
„‘Пена 84‘ со својата планирана траса поминува комплетно низ зоната на активно управување, со што се прави прекршување на Законот за заштита на природата. Воедно, на истата траса поминува и системот за снабдување на Тетово со вода за пиење. Поради нестабилноста на земјиштето во овој предел, ЈУ НП Шар Планина, во договор со јавното комунално претпријатие ‘Тетово‘, воведе забрана за движење на тој предел, со цел да се заштити водата за пиење. Изградбата на вакви инфраструктурни објекти значи упад во овој многу значаен систем за населението во целиот Полошки Регион. Планираните мали хидроелектрани се наоѓаат во Лешничката долина во срцето на Шар Планина. Очекуваме да бидат најдени решенија за раскинување на договорите за ‘Пена 84‘ и ‘Пена 85‘, а сите останати постапки да бидат веднаш стопирани“, истакна Дехари.
Од Националниот парк потсетуваат дека согласно нивниот План за управување со заштитеното подрачје за наредните 10 години, не е дозволена изградба на нови хидроцентрали на територијата на паркот. Во моментот, во националниот парк оперативни се 13 мали хидроелектрани, а една завршена засега не е пуштена во употреба.
„Сведоци сме на ново прекршување на Бернската конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа со продолжувањето на концесиите за хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина, при што реагираа и од управата на паркот. Очигледно е дека и ветувањето за забрана за мали хидроцентрали и обврската за нивно откажување не се почитуваат од нашите институции. Со ваквите постапки се нанесува директна штета на природата и здравјето на луѓето, а за тоа некој мора да понесе одговорност“, изјави Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“.
З. АНДОНОВ