Новоизбраниот член на Судскиот совет, врховниот судија Наќе Георгиев, наскоро ќе го бира неговиот син за судија. Синот Георгиев штотуку заврши Академија за судии и јавни обвинители во генерацијата заедно со синот на експретседателот на Судскиот совет Киро Здравев, со синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, со сопругата на обвинителот за организиран криминал Ислам Абази, со синот на апелациониот судија Енвер Беџети чија иницијатива за разрешување ја чува во фиоки Судскиот совет, и со други семејни лози од судството.
Според експерти од Антикорупциската комисија, не само што ситуацијата во случајот со гласањето татко за син е крајно неетичка, туку има и сериозен судир на интереси.
„Не можеше ли татково да почека и да се воздржи од кандидатура за член на Судскиот совет кога знае дека син му годинава ја заврши обуката и оти бргу ќе се најде во Советот на избор за во некој од основните судови? И да се изземе од гласањето, сепак Наќе Георгиев е таму, тој е член на Судскиот совет кој ги избира судиите и има влијание. Тепачка е за судиските места во Скопје, има и желби за овој, за оној град, и при иста бодовна состојба на кандидатите, секако ќе се исполнат желбите на кандидатите со најсилните влијанија за нив во Судскиот совет“, предупредуваат соговорниците кои ги консултираше САКАМДАКАЖАМ.МК.
Георгиев се кандидираше на местото на врховната судијка Мирјана Радевска-Стевкова, која си поднесе оставка во знак на револт од скандалозното и незаконско разрешување на експретседателката Весна Дамева, но и поради непринципиелно и вазалско однесување на членовите на Судскиот совет.
Георгиев се кандидираше како единствен кандидат од колегите од Врховниот суд. Минатата недела, на 13 јули, тој на изборното гласање доби вкупно шест гласа, од кои еден е неговиот. Бидејќи нема ни цензус, ни правила, ни условено мнозинство за некој да биде избран за член на Судскиот совет, Георгиев, како единствен кандидат од Врховниот суд, беше избран за член на Советот со шест од 16 гласа во Врховниот суд. Знаејќи дека ќе победи дури ако го има и само неговиот глас, овој судија се кандидираше, токму во пресрет на изборот на неговиот син за судија. Судскиот совет првин му ја утврди кандидатурата, па ја запре поведената постапка за разрешување против него.
Фамилијата Георгиеви од Струмица е судско-обвинителска. Додека таткото и синот се определиле да делат правда, мајката, односно сопругата на Наќе Георгиев, е обвинителка во ОЈО Струмица.
Од поновите генерации на Академијата за судии и јавни обвинители, со родители кои биле или се членови на Судскиот совет покрај Наќе Георгиев и Киро Здравев, е и ќерката на Павлина Црвенковска која моментално слуша обука меѓу 97-те кандидати од претпоследната генерација.
С. К. ДЕЛЕВСКА