Белоруската војска ќе одржи вежби со борците на „Вагнер“ покрај границата со Полска, објави министерството за одбрана на Белорусија. Оттаму не кажаа кога ќе се случи тоа.
Ова следува откако се појави видео во кое Евгени Пригожин им посакува добредојде на платениците на „Вагнер“ во Белорусија, при што ја опиша ситуацијата во Украина како срамна. Пригожин вели дека неговите борци засега не се враќаат во Украина, туку ќе одмораат и ќе се подготвуваат во Белорусија пред следните ангажмани во Африка.
„Вооружените сили на Белорусија продолжуваат со заедничките тренинзи со борците на ‘Вагнер‘“, соопшти министерството за одбрана на Белорусија.
Видеото објавено вчера го прикажа Пригожин за првпат од вооружената побуна на „Вагнер“ на 24 јуни. Нивната преселба во Белорусија беше дел од договорот со кој беше прекината побуната.
„Добро се боревте во Украина, завршивте одлична работа за Русија. Она што моментално се случува на фронтот е срамота и не сакаме ништо да имаме со тоа. Одлучено е некое време да останеме во Белорусија и ‘Вагнер‘ ќе го искористи тоа време да ја направи белоруската војска втората војска на светот“, вели Пригожин во видеото.
Тој додаде дека во Украина би се вратиле дури кога ќе бидат сигурни дека никој нема да ги принудува да се срамотат.
Си-Ен-Ен потврди дека снимката е направена во напуштена воена база во Асиповичи, 80-ина километри од Минск, каде што претходно биле забележани структури налик на шатори.