БАРАМЕ ДА СЕ СМЕНИ МОДЕЛОТ ЗА НАБАВКА НА ПОМАГАЛА, НЕ ДА ЧЕКАМЕ ДАЛИ ЌЕ МУ ТЕКНЕ НА МИНИСТЕРОТ ДА ПОТПИШЕ ТЕНДЕР, ПРОТЕСТИРАА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ДИЈАБЕТИЧАРИ

    БАРАМЕ ДА СЕ СМЕНИ МОДЕЛОТ ЗА НАБАВКА НА ПОМАГАЛА, НЕ ДА ЧЕКАМЕ ДАЛИ ЌЕ МУ ТЕКНЕ НА МИНИСТЕРОТ ДА ПОТПИШЕ ТЕНДЕР, ПРОТЕСТИРАА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ДИЈАБЕТИЧАРИДијабетичарите на протестот говореа дека седум месеци биле оставени без терапија, без ленти за мерење, без игли за инсулин, а потсетија и дека еден период во земјава имаше инсулинска криза. (Фото: К. Попов)

    Се прави економска анализа за од следната година да се промени моделот за добивање на ленти и апарати за лицата со дијабетес, а тоа ќе биде преку референтна цена, преку нивен модел кој ќе го кажат дополнително, рече вечерва Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на протестот пред Министерството за здравство. Велев ги повика пациентите од понеделник да ги посетат инсулинските аптеки, и им кажа дека до среда сите аптеки треба ќе делат игли и антидијабетна терапија.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити попладнево ја потпиша одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, како и бремени жени и слепите лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори. Министерството за здравство соопшти дека Меџити денеска имал работна средба со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари и со претседателот на Комисијата за дијабетес, д-р Ирфан Ахмети.

    „Од министерот бевме разбрани и сите нѐ разбираат за нашите реакции кои се легитимни и легални и логички. Јас говорев во името на Сојузот, укажувајќи на Законот за здравствена заштита, за во иднина да нема процедури, Министерството да пристапува кон промена на моделите, не за да се избегнат јавните набавки, туку да ги нема. Да имаме право на избор и да ни дава државата право на избор сами да набавуваме тоа што ни треба, за помагала, а терапијата пак да си ја добиваме преку докторите, преку државата, но без доцнење. Да се направи модел во Законот за јавни набавки, сите хронични болести, меѓу кои и дијабетесот, да не зависат од рокови, од поединци. Денес 45 илјади лица, 113 илјади семејства не можат да чекаат дали ќе му текне на министерот да потпише или не“, рече Велев.

    Велев, како и родител на 15-годишно дете со дијабетес, и млади пациентки на протестот говореа дека седум месеци биле оставени без терапија, без ленти за мерење, без игли за инсулин, а потсетија и дека еден период во земјава имаше инсулинска криза. Тие споделија дека седум месеци се снаоѓале, помагале и позајмувале меѓу себе, и од странство набавувале што им треба.

    „Колку и да си позајмуваме еден ден ќе снемаме“, рече Михаела Ширкоска од Прилеп.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира