Германската државна министерка за култура Клаудија Рот рече дека има „многу позитивен почеток“ на иницијативата за воведување картичка за култура за 18-годишници во земјата. Пропусницата, која користи апликација за давање кредит од 200 евра за трошоци за култура, овозможува купување билети за концерти, книги, музички инструменти, посети на кино и друго. Од лансирањето на апликацијата во средината на јуни, регистрирани се над 310.000 18-годишници. Околу 100.000 од нив го активирале кредитот преку електронска идентификација.
Пилот-проектот има за цел финансиски да им овозможи културни искуства во живо на 18-годишниците по пандемијата. Најголем промет има во категоријата „концерт и сцена“. Според податоците, направени се повеќе од 95.000 резервации, што генерира продажба од околу 1,8 милиони евра. За „книги“ и „кино“ има помал интерес.
„Позитивен сигнал е што младите ја користат културната пропусница за култура во живо, за концерти и сценски изведби“, рече Рот и додаде дека тоа покажува оти пропусницата за култура го постигнува предвидениот ефект за културниот сектор.
До крајот на годината до понудата ќе можат да пристапат вкупно околу 750.000 луѓе кои се родени во 2005, а годинава ќе наполнат 18 години. Кредитот треба да важи две години. Ако е успешна, може да се прошири и на други возрасни групи.