Kој ја раскажува нашата историја и култура пред гостите?, прашуваат туристичките водичи од Охрид гневни оти странски колеги сѐ почесто им ја земаат работата, но и пласираат невистини и полуинформации пред странските туристи, кои се сѐ побројни последниве години. Бараат туристичките инспектори да излезат на терен за да се спречи ваквата појава која прави огромни штети.
Групите од странство најчесто не ангажираат водичи од Македонија, иако според Законот за престој на туристи, имаат обврска преку македонска туристичка организација да ангажираат македонски лиценциран водич.
Бранко Ѓоршевски долгогодишен туристички водич смета дека умешноста да се претстави Македонија пред гостите зависи исклучиво од водичите но, како што вели, странците не се умешни ниту знаат да презентираат вистинити податоци за нас.
„Најчесто таа обврска се избегнува, па историјата и претставувањето на државата и на Охрид, го презентираат од нивна гледна точка. Тука доаѓаме во контраст со самата историја, настрана парите што ќе ги земат од некој наш колега кој дента нема да има работа. Туристичката инспекција ќе мора за ова да поведе сметка“, смета Ѓоршевски.
Организираните групи туристи сами си носат водичи и не ангажираат македонски водичи за да им ја раскаже историјата и културата, вели туристичкиот водич Ристе Голабовски.
„Не е прашањето само некој да заработи пари, иако нив треба да ги заработи и домашниот водич. Најголемиот проблем е сепак прикажувањето на историјата. Веќе почнаа дел од водичите од Полска да објаснуваат своја интерпретација. Од Романија и од Бугарија се поретки, но непријатно е кога слушам други водичи од други земји да прикажуваат историја по свое. Ние имаме водичи да ја објасниме нашата историја и култура“, вели Голабовски.
Охридските туристички водичи се децидни дека при презентирање на нашето културно- историско богатство и нашата историја место за грешка нема.
„Најлошиот проблем го имаме во Свети Наум, каде од 100 проценти 95 немаат ниеден водич и нашите водичи седат ги гледаат како тие објаснуваат историја на Македонија што е многу лошо. Не велам дека инспекторите треба веднаш да ги казнат. Доволно е да се опоменат дека не смеат да го прават тоа“, вели Голабовски.
Во Македонија има над 150 лиценцирани водичи, а според неофицијалните податоци, сѐ уште има и такви кои работат на диво па поради тоа на туристичките тури може да се чуе сè и сешто. Тоа, велат лиценцираните водичи, е дополнителен проблем.
„Се прави некоја атракција без потреба и се кажуваат лажни податоци, а можеме навистина многу посоодветно да се презентираме, туристите да си одат задоволни и со тоа да привлекуваме уште повеќе гости“, сметаат тие.
Инспекторите по туризам изминативе години го исчистија теренот од оние кои лажно ја преставувале нашата историја. Нивниот број, вела, сега бил мал, но доволен да направат непроценливи штети на нашата култура и идентитет.
С.ВРЕНЦОВСКА