Клучот за просперитетна и безбедна држава е вложување во научно-образовните и истражувачки институции, кажа претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Градиме издржливост“ на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) по повод 60- годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Пендаровски кажа дека институциите како ИЗИИС освен што даваат придонес за подобрување на условите за живот на граѓаните, ги штитат и нивните животи.
„Освен темните мемории, оваа годишнина е можност да се потсетиме и на фактот дека Скопје по земјотресот стана глобално познат како град на солидарноста, место каде што човештвото наспроти идеолошките разлики се обедини со цел да помогне нашиот главен град да се врати во живот. За неверојатниот изблик на хуманост и помош која пристигна буквално од сите меридијани на светот сведочат и имињата на објекти и улици во Скопје кои и денес ги носат имињата на нашите добротвори, а меѓу нив беа и држави, градови и истакнати личности кои ни подадоа рака кога ни беше најтешко. Обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, но и подигнување на стандардите за градба. За таа цел, во 1965 година беше и формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија со задача да ја надгледува реконструкцијата, да помогне во обновата на градот и да обезбеди континуирани истражувања на полето на сеизмологијата и земјотресното инженерство“, рече Пендаровски.
Директорот на ИЗИИС Влатко Шешов рече дека институцијата и во наредните 60 години ќе биде чувар на безбедноста и градител на сеимичката издржливост на Скопје.
А. АНТЕВСКА