По шест дена пауза, од утрово повторно е во сообраќај патничкиот воз од Скопје за Гевгелија, кој тргнува во 6:23 часот, како и попладневниот од Гевгелија за Скопје кој тргнува во 16:55 часот, ни рекоа од ЈП МЖ Инфраструктура, без да одговорат зошто шест дена овој патнички воз не сообраќаше.
Од ЈП МЖ Инфраструктура објаснија дека и натаму е во важност ограничувањето на брзината на возовите на релацијата Скопје -Велес и обратно. Причина е што во рокот, кој сами си го дадоа не успeале да извршат санација на оштетениот дел од пругата од Велес до Кадина Река.
„Ремонтот на пругата Велес – Кадина Река не е завршен од причина што не дозволуваат временските услови поради високите температури не можат да се менуваат прагови и шини, бидејќи може да дојде до проширување на колосекот. Ремонтот ќе продолжи штом ќе дозволат временските услови и во период од неколку месеци ќе се оспособи пругата за поголеми брзини. Од наведените причини се уште важи одлуката за ограничување на брзината од 20 км/ч на дел од пругата Кадина Река – Велес“, додаваат од ЈП МЖ Инфраструктура.
Поради реконструкција на оваа делница од железничка пруга, од 26 јуни до 10 јули во терминот од 8 до 14 часот немаше железнички сообраќај.
Од почетокот на месецов, Македонски железници АД транспорт, укина десет железнички постојки- стојалишта. Причината е што нивната анализа покажала дека многу мал број патници ги користат за патување. Тоа се стојалиштеата Стоби, Смоквица, Нова Смоквица, Милетково, Пчиња, Кадина Река, Клисура, Згрополци и станицата „Даме Груев“. Додека на стојалиштето Ореше застанува еден од трите патнички воза кои таму минуваат кон Битола и еден кон Скопје.
П. ПЕЧКОВ