Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не треба да се генерализира дека сите жители на Слупчане организираат бунт, туку одговорни за бунтот против плаќање струја во Слупчане се поединци кои злоупотребуваат повеќе луѓе за свои цели.
Изминатите неколку дена жителите на липковското село Слупчане не им дозволуваа на екипите на ЕВН да влезат во селото и да ги санираат дефектите кои што самите жители ги предизвикале и притоа ги оставија без струја околните села и граничниот премин Табановце.
Дополнително, жителите на Слупчане имаат редица барања од ЕВН, како, на пример, простување на долговите, нови приклучоци за беспари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, ослободување на џамиите од плаќање, барања за кои од ЕВН велат дека не се законски.
„Јас не би генерализирал дека сите граѓани на Слупчане или на другите села организирале бунт. Се работи секогаш за поединци кај кои треба да се идентификува одговорност за спречување на извршување работа на која било компанија која што врши јавна услуга. Овде се работи за ЕВН. Цело Слупчане има голем број домаќини луѓе. Јас сега ќе ви кажам, кога ќе одите на Зелен пазар или на Бит пазар или на пазарот во Куманово, вие нема да најдете производ произведен од Аеродром, Центар или произведен во мој Карпош. Производите кои што тука се продаваат доминантно доаѓаат од такви рурални општини или села кои што се наоѓаат во тие општини. Така да домаќините си ја плаќаат својата струја и сакаат да си плаќаат, меѓутоа секогаш постојат поединци кои сакаат да злоупотребат повеќе луѓе во однос на остварување на свои цели. Е тоа МВР нема да го дозволи, Владата нема да го дозволи и локалната самоуправа вчера покажа дека нема да го дозволи“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по ставањето камен-темелник на полициска станица во Општина Аеродром.