После 13 години, формирана е комисија која ќе предлага ажурирање на позитивната листа на лекови, но не се знае од кога ќе има нови лекови на товар на Фондот за здравство осигурување (ФЗО).
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја претстави Комисијата, на чело со д-р Љубица Шутуркова, кои кажаа дека откако ќе почнат да пристигнуваат лекови од фармацевтските компании, ќе имаат состаноци по два пати месечно, а ако е потребно и два пати неделнo.
Комисијата е составена од претставници од Министерството за здравство, Фондот, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, кои се доктори-специјалисти од различни области на медицината и фармацијата.
На новинарски прашања, од кога новите лекови би биле достапни со рецепт за граѓаните, Меџити рече дека не може да се зборува за рокови, и дека конечната одлука ќе зависи од Фондот. Министерот додаде дека верува оти фармацевтските компании веќе ја подготвуваат потребната документација за да одговорат на барањата на Правилникот и дека во блиска иднина ќе пристигнат и првите апликации.
Б. НЕСТОРОСКА