ЗАПРЕНA ИЗГРАДБАТА НА ДОМОТ „КОПАНКИ“ НА ПЕЛИСТЕР, СЕ БАРА АЛТЕРНАТИВА ЗА ТРАНСПОРТ НА АРМАТУРАТА ОТИ НЕ МОЖЕ БЕЗБЕДНО ДА СЕ ПРЕНЕСЕ СО ЖИЧНИЦА

    ЗАПРЕНA ИЗГРАДБАТА НА ДОМОТ „КОПАНКИ“ НА ПЕЛИСТЕР, СЕ БАРА АЛТЕРНАТИВА ЗА ТРАНСПОРТ НА АРМАТУРАТА ОТИ НЕ МОЖЕ БЕЗБЕДНО ДА СЕ ПРЕНЕСЕ СО ЖИЧНИЦААрматурата железо во шипки долги 12 метри  не може да се пренесе со жичницата која е дел од Ски-центарот „Копанки“. (Фото: СДК.МК)

    Само што се најави дека обновата на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер е во почетна фаза и дека до почетокот на зимата ќе биде изграден до карабина, моментално запреа работните активности на терен. Од Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Пелистер“, кој стопанисува со домот, кој изгоре пред десет години, изјавија дека теренот е расчистен и подготвен за да почне обновата, однесени се песок, цемент, арматура (узенгии за цел објект), но арматурата железо во шипки во должина од 12 метри  не може да се пренесе со жичницата која е дел од Ски-центарот „Копанки“, па се бараат алтернативни начини за пренос.

    „Наша обврска е набавка на градежен материјал и пренос на материјалот од жичницата на Ски-центарот ‘Копанки’ до планинарскиот дом, обезбедување вода и електрична енергија. Фирмата што ќе ги извршува градежните работи со машина го расчисти и спреми теренот во објектот, како нивна донација обезбедија и песок. Набавен е цемент и железо за обнова на целиот објект, ќе се носи според  потребите. За почеток на градежните активности однесен е песок, цемент, арматура (узенгии за цел објект) останува да се однесе арматура железо во шипки, но спречени сме да го пренесеме со жичницата затоа бараме алтернативно решение за пренос и од овие причини моментално се запрени работните активности“, вели Димче Попов, претседател на „Пелистер“.

    Од ЕСМ Молика, што стопанисува со жичницата и ски центарот „Копанки“, велат дека уште од март целосно ја имаат ставено на располагање жичницата за да се префрлат сите градежни материјали за обновата на домот Копанки, но оние кои се безбедни и нема да предизвикаат опасност на жичницата. Преносот на железните шипки е комплициран и бара посебни услови, може да презивика и оштетување на жичницата, па затоа им укажале на „Пелистер“ да бараат алатернативен начин за  транспорт на тој материјал. За да се излезе во пресрет на обновата на домот, дури и ремонтот на жичницата наместо за август е преместен за септември.

    До местото каде е планинарскиот дом „Копанки“ не води асфактен пат, туку само планинарски патеки, жичница и ски-патека. Стариот дом кој изгоре во 2013, беше изграден пред 85 години кога немаше жичница, а најголемиот дел од материјалите планинарите енузијасти ги носеа на раце и влечејќи ги со коњи.

    Реконструкцијата треба да започне со донација од Општина Битола од 3,8 милиони денари (62.000 евра), но  тоа нема да значи комплетна реконструкција на домот зашто тие пари не се доволни за целосно да се изгради во услови кога цените на градежните материјали растат.

    „Финансиските средства што ги донираше Општина Битола лани во август во износ од 3,8 милиони денари (62.000 евра) не се доволни за обновата на планинарскиот дом ‘Копанки’ од причина што драстично се зголемени цените на градежните материјали и работната рака и се надеваме на додатна финансиска помош од општина Битола“, вели Попов.

    Со парите се изработи проект, негова ревизија, се избра надзор. Потпишан е и договор со градежна фирма „Стентон градба“ за негова обнова. Деновиве градоначалникот на Битола,Тони Коњановски изврши увид на „Копанки“, при што беше информиран дека во првата фаза – карабина, планирано е објектот да биде завршен пред почетокот на зимата.

    Иницијативата за Општината финансиски да помогне во обновата на „Копанки“ беше на  советничката група на Поинаку. Парите се дадени како финансиска поддршка на клубот за програмски активности и создавање услови за планинарски и спортски активности. ПСК „Пелистер“ изврши измена во статутот дека во случај да престане да функционира, имотот ќе припадне на Општината. За пожарот на „Копанки“, култниот планинарски дом на Пелистер, никој кривично не одговараше.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира