Противпожарниот воз на Македонски железници е три седмици во функција, но досега немал работа. Започна со дежурства подоцна од претходните години бидејќи до 15 јули имаше дождлив период.
Возот се состои од две цистерни со по 50 тони вода и еден вагон со агрегат кој служи за пумпање на водата и за осветлување на теренот ноќе. Има можност да создава пена со која се гасне огнот.
„Возот немаше интервенција ова лето. Ако годинава засега е мирно покрај пругите, се помнат 1999, 2000 и 2010, кога по кажувањето на вработените секој втор ден имале интервенција“, вели Тони Ѓуревски, раководител на сектор во МЖ Инфраструктура.
Дометот на водата од цистерните била 30 до 40 метри покрај пругата. За возот се ангажирани осуммина железничари кои дежураат 24 часа, а го опслужуваат по две обучени лица во една смена.
„Каде и кога ПП возот ќе интервенира, одлучуваат во раководниот центар на МЖ. Возот е стациониран на железничката станица во Велес, најмногу поради пругата кон Богомила, која е угорнина. Локомотивите кога возат искрат, па најчесто тука се случуваат пожари. Тој може да интервенира и кон Кочани, Гевгелија и Скопје. За негово придвижување служи која било локомотива која во тој момент ќе се најде на станицата во Велес, бидејќи овој воз има приоритет“, додава Ѓуревски.
Од Македонски железници ја истакнуваат соработка со противпожарната единица од Велес, од каде ги полнат цистерните. Овој воз има функција и на хемиски воз, па во рана пролет ја прска околината на пругите за сузбивање на вегетацијата.
П. ПЕЧКОВ