47 МАКЕДОНСКИ ИЗВИДНИЦИ СЕ МЕЃУ ИЛЈАДНИЦИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ЕВАКУИРАНИ ПОРАДИ ТРОПСКА БУРА ВО ЈУЖНА КОРЕЈА

    47 МАКЕДОНСКИ ИЗВИДНИЦИ СЕ МЕЃУ ИЛЈАДНИЦИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ЕВАКУИРАНИ ПОРАДИ ТРОПСКА БУРА ВО ЈУЖНА КОРЕЈАМакедонските извидници отпатуваа во Јужна Кореја на 29 јули во организација на Сојуз на извидници на Македонија, на собирот планирано да трае 2 недели (Фото: Сојуз на извидници)

    Јужна Кореја се подготвува да евакуира десетици илјади извидници од крајбрежното место каде што се очекува тропската бура Канун, соопштија денеска извидничките власти. Меѓу нив се и 47 извидници од Македонија кои се на извидничкиот собир со 40.000 деца од целиот свет. Македонските извидници отпатуваа во Јужна Кореја на 29 јули во организација на Сојуз на извидници на Македонија, на собирот планирано да трае 2 недели. Светската организација на извидничкото движење соопшти дека добила потврда од владата на Јужна Кореја за предвременото заминување на сите учесници во југозападната област Буан. Тоа значи брзо отстранување на десетици илјади извидници, главно тинејџери од 158 земји, надвор од патеката на бурата.

    Јужнокорејската метеоролошка агенција објави дека Канун се наоѓал на околу 330 километри североисточно од јапонскиот остров Окинава до денеска во 9 часот по локално време. Се очекуваше да удри во Јужна Кореја во в четврток наутро, со потенцијални ветрови со брзина од 118 до 154 километри на час. Големи делови од југот на земјата, вклучително и Буан, би можеле да бидат зафатени од невремето уште в среда, соопшти агенцијата.

    Евакуацијата значи брзо отстранување на над 40.000 извидници, главно тинејџери од 158 земји, надвор од патеката на бурата. (Фото: АП)

    Кабинетот на претседателот Јун Сук Јеол соопшти дека тој побарал планови за „непредвидени ситуации“, кои би можеле да вклучат преместување на извидниците во хотели и други објекти во главниот град на земјата, Сеул, и блиските метрополи.

    Високите температури веќе принудија илјадници британски и американски извидници да ја напуштат локацијата, која е направена на копно одземено од морето. Стотици учесници се лекуваа од болести поврзани со топлина откако започна собирот на 2 август. Долго пред почетокот на настанот, критичарите изразија загриженост за носење толку голем број млади луѓе во огромна област без дрвја на која нема заштита од летните горештини.

    Организаторите денеска брзаа да смислат планови за евакуација на извидниците пред пристигнувањето на бурата. Чои Чанг-хаенг, генерален секретар на организацискиот комитет на собирот, рече дека организаторите обезбедиле повеќе од 340 места за евакуација, вклучувајќи центри и спортски сали, во регионите во близина на Буан.

    Околу 40.000 извидници – претежно тинејџери – од 158 земји дојдоа на собирот, изграден на копно извадено од морето. Околу 4.500 се од Велика Британија, што го претставува најголемиот национален контингент, додека околу 1.000 се од САД.

    Јужна Кореја го категоризира Канун како тајфун, дефиниран како тропска бура со ветрови посилни од 61 километар на час. Метеоролошката агенција на Јужна Кореја очекува дека Канун ќе ослабне до невреме во следните пет дена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира