ДВИЖЕЊЕТО „ПЕШКИРИ ЗА ПЛАЖА“ ЗЕМА ЗАМАВ ВО ГРЦИЈА, ЛОКАЛНИТЕ ЖИТЕЛИ СЕ БОРАТ ПРОТИВ ПРИВАТНИТЕ ПЛАЖИ КОИ НАПЛАЌААТ И ПО 100 ЕВРА ЗА ЛЕЖАЛКИ

    ДВИЖЕЊЕТО „ПЕШКИРИ ЗА ПЛАЖА“ ЗЕМА ЗАМАВ ВО ГРЦИЈА, ЛОКАЛНИТЕ ЖИТЕЛИ СЕ БОРАТ ПРОТИВ ПРИВАТНИТЕ ПЛАЖИ КОИ НАПЛАЌААТ И ПО 100 ЕВРА ЗА ЛЕЖАЛКИНа најпопуларните плажи на островот Парос, цените се 100 евра за лежалки во прв ред, а 60 и 40 поназад. (Фото: СДК.МК)

    Грчкото движење „Пешкири за плажа“ добива на популарност, покренувајќи прашања околу туристичкиот модел на земјата, откако граѓани од неколку популарни острови се мобилизираа изминатата недела во обид да си ги вратат плажите назад од рацете на приватните бизниси.

    Приватни плажи се забранети во Грција, каде што уставот предвидува дека крајбрежјето е државна сопственост со гарантиран јавен пристап.

    Но, плажите сè повеќе се окупирани од лежалки, барови и гласна музика. Локалните власти даваат под концесија ограничени секции од плажите на приватни бизниси, кои носат своја опрема и во некои случаи им наплаќаат на туристите и над 100 евра за чадор и две лежалки.

    На многу грчки острови летово стана тешко да се најде слободно место на плажите во екот на туристичката сезона. Поради тоа, групи граѓани почнаа со протести на островите Парос, Наксос и Серифос, со тврдења дека дел од концесионерите зафаќаат многу повеќе од плажите од тоа што им дозволено и понекогаш им забрануваат на жителите и туристите да си постават свои пешкири и чадори бесплатно. Протестите се проширија и во други делови од земјата и најавени се нови за неделава.

    По протестите, грчката влада вети дека ќе воведе ред на плажите и ќе спроведува строги контроли во преостанатиот дел од туристичката сезона. Оттаму велат дека институциите добиле упатства да се воспостави рамка за поделба на надлежностите што ќе стапи во сила за следната туристичка сезона.

    Досега, осум владини тела беа вклучени во давањето лиценци и надзорот, што придонесуваше за често непочитување и изигрување на системот.

    „Потребно ни е унифицирање и упростување на овие процедури, со цел да се овозможи соодветно и брзо казнување кога има прекршок“, кажа владиниот портпарол Павлос Маринакис.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира