СТРУГА НЕМА ВОДА СРЕДЕ ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА, ОД „ВОДОВОД“ ВЕЛАТ СЕ КРАДЕ И НАЈАВИЈА ИНСПЕКЦИИ СО ПОЛИЦИЈА

    СТРУГА НЕМА ВОДА СРЕДЕ ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА, ОД „ВОДОВОД“ ВЕЛАТ СЕ КРАДЕ И НАЈАВИЈА ИНСПЕКЦИИ СО ПОЛИЦИЈАЖителите и туристичките работници се жалат оти живеат во град на две води, а со децении немаат редовно водоснабдување. (Фото: СДК.МК)

    Слабата издашност на изворите во Шум и Белица од каде Струга и околината се снабдуваат со вода, поврзано со климатските промени е причина стружани и ова лето да имаат проблеми со водоснабдувањето. Притисокот е слаб, а се случува вода да нема со часови па и денови. Најкритично е деновиве, кога потрошувачката и потребите се двојно поголеми оти градот е преполн со туристи.

    Од локалната самоуправа за проблемот со водоснабдувањето во градот вела дека е  поради несовесното и нерационално користење на водата и големиот број злоупотреби.

    Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ неодамна воведе рестрикции во периодот од еден до шест часот. Оттаму велат дека имало злоупотреби на водата во вечерните часови, а ограничувањето ќе трае до стабилизирање на состојбата.

    Најавија и дека комуналните инспектори во координација со полицијата ќе прават теренски контроли за откривање на случаи на злоупотреба.

    Граѓаните се жалат оти живеат во град на две води, а со децении немаат редовно водоснабдување. Поплаки има и од туристичките работници.

    „И тоа е дел од оваа гужва што одеднаш се случува. Одеднаш побарувачката е десеткратно поголема од вообичаено. Таа цела инфраструктура треба да се пренамени и да се направи да биде добра за тие дваесеттина денови од високата сезона“, вели Крсте Блажески, претседател на Хотелската асоцијација – ХОТАМ.

    Граѓанскиот активист Никола Кукунешоски вели дека е недозволиво туристички град да има недостаток на вода за пиење.

    „За жал, сведоци сме дека повторно има недостаток на вода за пиење, посебно во повисоките катови каде што опаѓа притисокот. Квалитетот на водата и редовното снабдување со вода е исклучително важно, посебно за овој период. Ние и во тој сегмент сериозно потфрламе“, вели Кукунешоски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира