Медицинските лица долго време тврдеа дека 10.000 чекори дневно се магичната бројка што е потребна за луѓето да бидат во форма и здрави, но ново истражување покажува дека помалку од 5.000 може да бидат доволни за да се има корист. Анализата на повеќе од 226.000 луѓе ширум светот покажа дека 4.000 чекори се доволни за да се започне со намалување на ризикот од прерана смрт од која било причина.
Тим од Медицинскиот универзитет во Лоѓ во Полска и Медицинскиот факултет на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД откри дека придобивките од пешачењето важат за сите полови и возрасти, без оглед на тоа каде живеат.
Нешто повеќе од 2.300 чекори на ден се доволни за да имаат корист срцето и крвните садови. Секои дополнителни 1.000 чекори над 4.000 го намалуваат ризикот од рана смрт за 15% до 20.000 чекори. Сепак, најголемите придобивки се забележани кај помладите од 60 години.
„Колку повеќе чекори, толку повеќе се гледаат здравствените придобивки“, велат истражувачите.
Професорот Масиеј Банач, од Универзитетот во Лоѓ, рече дека иако расте бројот на иновативни лекови за лекување, тие не се единствениот начин за подобро здравје.
„Верувам дека секогаш треба да нагласиме дека промените во животниот стил, вклучително исхраната и вежбањето, кои беа главниот адут на нашата анализа, може да бидат барем исто толку, или уште повеќе, ефективни во намалувањето на кардиоваскуларниот ризик и продолжување на животот“, вели Банач.