Оштетен е горниот дел од камената порта на славниот луксузен трговски центар „Галерија Виторио Емануеле“, во центарот на Милано. Ова е најстариот трговски центар во Италија, изграден 1877, и е една од архитектонските знаменитости на Милано.
На објавените видеа се гледа како три лица во црно прскаат со зелен спреј на високата порта, додека од долу ги гледаат туристите на плоштадот на миланската катедрала. Локалната полиција соопшти дека групата била забележана околу 22:20 часот, но исчезнале пред да ги фатат полицајците.
Во тек е истрага за да се идентификуваат вандалите и да се процени како успеале да се качат до врвот на портата, вели полицијата. Се претпоставува дека станува збор за графити уметници, а не за политички мотивирани групи или на демонстранти за заштита на животната средина, кои беа насочени кон италијанските музеи и архитектонски богатства во последните месеци.
Вицепремиерот Матео Салвини рече дека на сторителите треба да им се „даде лекција што никогаш нема да ја заборават“, со затворски казни, парични казни или општествено корисна работа.