Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски ја осуди одлуката за промената на името на улицата Втора македонска ударна бригада во скопски Чаир во Адем Демачи, што свечено беше промовирано вчера при посетата на косовскиот Премиер Албин Курти. Но името на оваа улица е сменето во 2021 од Град Скопје, кога градоначалник беше Петре Шилегов, кога беа променети имињата на 485 улици во градот. Град Скопје во 2019 објави анкета за предлози на нови имиња на улиците, во 2021 листата беше утврдена и усвоена од Советот, а новите имиња почнаа да се применуваат од 2022.
Втората македонска ударна бригада со мултиетнички состав беше една од партизанските сили во Македонија која успешно се бореше со бугарскиот фашистички окупатор, како и фашистичките сили на територијата на Југославија, а 245 нејзини борци загинаа на Сремскиот фронт. Адем Демачи, кој почина 2018, беше косовски дисиден, новинар, книжевник и политичар кој се бореше за независно Косово, а на преименуваната улица во Чаир живеел кусо време со семејството.
Курти вчера во Чаир рече дека во Косово има неколку улици што го носат името на Демачи, но дека именувањето на улица во Македонија со неговото име има посебно знаење, и дека периодот во поранешна Југославија кога Албанците биле дискриминирани, Демачи бил симбол на слободата кој 28 години минал в затвор за своите идеи за независно Косово.
Димитриевски, кој е против тоа да се менуваат имиња што се симболи на антифашистичката борба од НОВ, ги прозва поранешните сопартијци од владејачката СДСМ да излезат со став. Тој во 2021 кога се променија имињата на улиците беше член на СДСМ.
„Јавно прашање до раководството и моите довчерашни сопартијци: За ваков ли соживот и взаемно почитување се боревме под паролата Едно општество за сите?! Како се чувствувате денеска кога спомените на нашите паднати дедовци и баби, партизани, антифашисти од НОБ (од сите народи и народности од Македонија во тоа време) се бришат и менуваат со имиња на борци за национални каузи? Вие втор ден молчите а молкот во овој случај е повеќе и од срам“, рече Димитриевски во објава на Фејсбук.
Од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски велат дека „иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада“. Како пто пренесе МИА, од Кабинетот на Ковачевски изјавија и дека „локалната самоуправа требало во изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури“.
Димитриевски исто така го осуди и протоколот за посетата на Курти во Чаир и Тетово со „неинтонирањето на државната химна, неистакнувањето на државното знаме, интонирањето на химната на друга држава и истакнувањето само на знамињата на заедницата и знамињата на туѓа држава е спротивно на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија и Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Истакнувањето на обележје на јавен собир во Тетово од т. н. голема Албанија е спротивно на Уставот и Законите на државата“, и ги повика МВР и ОЈО да преземат постапки против прекшителите на законот.
Како што пренесе МИА, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочи дека пред сѐ, оваа посета на Курти, е приватна и за деталите од поканата, протоколот и организацијата упати кај организаторот. Од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Косово во Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата.
„Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја-членка на НАТО и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.“, се појаснува во соопштението.