ИАКО ГРАД СКОПЈЕ ГО СМЕНИ ВО 2021, ПЕНДАРОВСКИ БАРА ИНСПЕКЦИЈАТА ВО ЧАИР ДА ПРОВЕРИ ДАЛИ Е ЗАКОНСКИ СМЕНЕТО ИМЕТО НА УЛИЦАТА „ВТОРА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДА“ ВО „АДЕМ ДЕМАЧИ“

    ИАКО ГРАД СКОПЈЕ ГО СМЕНИ ВО 2021, ПЕНДАРОВСКИ БАРА ИНСПЕКЦИЈАТА ВО ЧАИР ДА ПРОВЕРИ ДАЛИ Е ЗАКОНСКИ СМЕНЕТО ИМЕТО НА УЛИЦАТА „ВТОРА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДА“ ВО „АДЕМ ДЕМАЧИ“Улицата Втора македонска ударна бригада во скопски Чаир беше промовирана во Адем Демачи на свеченоста при посетата на косовскиот премиер Албин Курти. (Фото: Општина Чаир)

    Претседателот Стево Пендаровски бара инспекциските служби на Општина Чаир да проверат дали е законски донесена одлуката за преименувањето на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи, чие ново име беше промовирано по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Но името на оваа улица е сменето во 2021 од Град Скопје, кога градоначалник беше Петре Шилегов, кога беа променети имињата на 485 улици во градот. Град Скопје во 2019 објави анкета за предлози од граѓаните за нови имиња на улиците, во 2021 листата беше утврдена и усвоена од Советот, а новите имиња почнаа да се применуваат од 2022.

    „Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во Општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина“, соопшти Пендаровски.

    И од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски не знаеја дека името на оваа улица во Чаир е променето во 2021 од Град Скопје. Вчера од Кабинетот на прмеиерот изјавија дека дека „иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада“. Како што пренесе МИА, од Кабинетот на Ковачевски изјавија и дека „локалната самоуправа требало во изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури“.

    Втората македонска ударна бригада со мултиетнички состав беше една од партизанските сили во Македонија која успешно се бореше со бугарскиот фашистички окупатор, како и фашистичките сили на територијата на Југославија, а 245 нејзини борци загинаа на Сремскиот фронт. Адем Демачи, кој почина 2018, беше косовски дисиден, новинар, книжевник и политичар кој се бореше за независно Косово, а на преименуваната улица во Чаир живеел кусо време со семејството.

    Пендаровски побара казни и за организаторите на јавните собири при посетата на Курти во Чаир и Тетово, зашто немаше ниту македонско државно знаме ни химна, а на митингот во Тетово се вееше и знаме на Голема Албанија.

    „Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Македонија како мултиетничка држава.

    Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира