МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА ГО НЕГИРА, АМА ТРЕБА ПОВЕЌЕ ВЛОЖУВАЊЕ ЗА ДА СЕ ИЗУЧУВА, ВЕЛАТ МАКЕДОНИСТИТЕ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ВО ОХРИД

    МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА ГО НЕГИРА, АМА ТРЕБА ПОВЕЌЕ ВЛОЖУВАЊЕ ЗА ДА СЕ ИЗУЧУВА, ВЕЛАТ МАКЕДОНИСТИТЕ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ВО ОХРИДОколу 70 странски македонисти и слависти од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република се дел од 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот јазик не е ничиј дијалект, тој е засебен јазик и тоа не може да се доведе во прашање. Ние сме должни да го чуваме нашиот јазик затоа што тој е нашиот идентитет и аманет од нашите претци и културни дејци, беше кажано на отворањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) во Охрид.

    Неспорен факт е дека има негирања и напади, но клучно е дека и странските македонисти и слависти ја потврдуваат вистината. Токму затоа, денес македонскиот збор се слуша на сите континетни, потенцираа македонистите.

    „Има толку многу докази дека не е дијалект на нечиј јазик, ова е еден од начините во таа долгогодишна борба. Навистина сите овие настани се на страната на македонскиот јазик“, вели професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.

    Според научната фела, не треба да загрижуваат надворешните негирања, треба да се спротиставиме со факти, имаме велелепна литература, но потребно е повеќе да се вложува во изучувањето на македонскиот јазик.

    „Ние да вложуваме во нашето изучување, односно во нашето зборување, говорење, точно течно прецизно. Само на тој начин се развива македонскиот јазик оди во повисоко ниво. Ние треба да бидеме чувари на јазикот“, изјави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

    Професорот Макеј Кавка од Универзитетот во Краков, кој го превел Ацо Шопов, вели македонскиот јазик е засебен јазик, а тоа е потврдено со безброј научни дела и докази, и никој не може и не смее да го негира.

    „Јазикот не може да се штити со политика, јазикот се штити со истражување, да се докаже вредноста на јазикот со дела. Нема смисла да се негира јазикот, како може да се негира јазикот кој постои“, вели Макеј Кавка, професор по лингвистика на универзитетот во Краков од Полска.

    Околу 70 странски македонисти и слависти од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република се дел од 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ која започна денес во Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира