Тетово и Гостивар од ноќеска се дават во чад и смрдеа на изгорено. Нешто после еден часот по полноќ избил пожар на депонија сместена сред поле во атарот на село Волковија. Иако депонијата е на оддалеченост од речиси дваесетина километри од Тетово, густиот чад и лошата миризба можеа да се почувствуваат насекаде низ градот. Слична беше состојбата и во Гостивар кој е оддалечен на само неколку километри. Од избивањето на пожарот и во текот на денешниот ден интервенираше противпожарната единица од Тетово. Пожарот е локализиран, нема опасност од негово ширење, но од депонијата сè уште излегува густ чад.
„Пожарот не може да се прошири на друго место зошто е локализиран од наша страна. Пожарот на депонијата го гаснеме од 1 часот наутро па до сега. Пожарникарите се трудат да ја изгасат оваа огромна депонија. Ние се трудиме да го имаме под контрола тој пожар, но чадот се проширил низ Полошкиот регион и создава многу проблеми и за нас пожарникарите што сме близу стоиме до пожарот. Се трудиме со нашите сили да изгаснеме пожарот и по се изгледа дека состојбата нема да излезе од контрола. Моментно пожарот се гасне со две екипи од противпожарната единица Тетово. Освен овој пожар интервенираме и на пожар во село Челопек но тој е од помал обем“, изјави Авни Амети, командир на ППЕ од Тетово.
Пожарот избил на депонијата која е со големина колку и фудбалско игралиште, а се наоѓа на нива среде полошкото поле во близина на село Волковија. На оваа нива претпријатието „Еколивинг“ ДООЕЛ Чегране -Гостивар, добило концесија од Министерството за животна средина да направи депонија за одложување на комунален отпад и таму се депонира отпадот од Општина Брвеница и околните села. Од Општина Брвеница велат дека концесијата за собирање на отпадот оваа фирма ја добила во септември 2021 година, на само еден месец пред локалните избори.
„Кризниот штаб во Општина Брвеница, беше алармиран утрово, дека има оган запалено на површина каде што е приватен сопственик, правно лице кое има дозвола за третирање на отпад истата издадена од страна на Министерството за животна средина. Од страна на кризниот штаб и инспекторот за животна средина, веднаш е пристапено на терен, констатирана е состојбата, изработен е записник и за истото ќе се постапи согласно она што е констатирано од страна на инспекторот. Како последна информација што ја имаме од теренот, е дека огнот е изгаснат, меѓутоа уште се шири чад. Ние како Општина овој концесионер го имаме наследено од претходното раководство на општина Брвеница кое во септември 2021 има склучено договор за јавно приватно партнерство, за собирање и третирање сметот. Договорот го склучил претходниот градоначалник и е на рок од 15 години“, вели Горан Јовановски, секретар на Општина Брвеница.
Неколку новинарски екипи се упатија на местото каде гореше депонијата, но од страна на нејзиниот сопственик беа спречени да ја извршат новинарската работа. Сопственикот на депонијата со груби зборови и со закани кон новинарите не дозволуваше да се снима велејќи дека тоа е негова нива и ние ме смееме да снимаме и да се доближиме до таму. Иако на местото имаше и полиција, ни тие не го убедија сопственикот да дозволи новинарите да дојдат до местото на пожарот.
З. АНДОНОВ