Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека светот прави планови и стратегии како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и нивните 44 пратеници да гласаат за уставните измени. Зборувајќи на партиски настан во Кичево, Мицкоски рече дека водат силна борба, но дека ќе издржат и нема да има уставни измени под бугарски диктат.
„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и оние 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Светот и Европа тоа го размислуваат денеска и прават план како да нè скршат. Немојте да мислите дека Димитар Ковачевски, Али Ахмети или Бујар Османи се тие. И немојте да мислите дека е лесно, не е лесно. Силна борба се води за да се одбрани честа на македонскиот народ“, кажа Мицкоски.
Тој рече и дека на следните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни, бидејќи месеци се во прашање, ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне историски резултат.