Ученикот со ретка болест за кој Државниот просветен инспекторат истражува дали бил дискриминиран во Техничкото училиште, односно дали поради џуџестиот раст му биле вратени документите од уписот, веќе се запиша во друго средно училиште во Битола. Од Инспекторатот соопштија дека наместо на машинска струка, во профилот машински техничар за моторни возила, каде бил запишан при првиот уписен рок, сега ќе учи за рударски техничар.
Во СОТУ „Ѓорги Наумов“ сѐ уште во тек е инспекцискиот надзор по анонимно поднесената претставка за наводна дискриминација на ученик со џуџест раст, кој успеал да се запише во прва година, па му биле вратени документите со образложение дека нема да може да ја врши таа професија.
„Од досегашниот надзор утврдено е дека тој во првиот уписен рок на прво пријавување бил запишан во прва година во Техничкото училиште во машинска струка, во профилот машински техничар за моторни возила. При тоа имал 53,198 поени од потребни 45 поени. Ученикот не приложил никаков документ дека има попреченост. Мајката на ученикот по извршен разговор со претставници на училиштето дала изјава дека ги подигнува документите“, пишува во одговорот на Инспекторатот на поставените прашања од САКАМДАКАЖАМ.МК за тоа што е утврдено при надзорот.
Во однос на анонимната пријава од присутните лица при надзорот во училиштето на инспекторите им било кажано дека пријавата е лажна, поднесена не од мајката, туку од друго лице.
Во анонимниот допис кој беше испратен и до нашата редакција пишуваше дека на дете со џуџест раст кое успешно се запишало во ова училиште, била повикана мајка му за да ѝ ги вратат документите оти детето немало да може да „извади мотор“ од автомобил.
Од училиштето одговорија тоа не е вистина, дека не се работи за каква било дискриминација, туку дека мајката на детето била повикана на разговор и љубезно ѝ бил соопштен начинот на практична настава и феријална пракса, по што таа лично ги подигнала документите, за што имаат и нејзина изјава.
Откако случајот ја разбранува јавноста, вчера Советот на Општина Битола со мнозинство на гласови ги разреши членовите на Училишниот одбор во училиштето и на нивно место именува други.
Ж. ЗДРАВКОВСКА