ЈАЛОВИШТЕТО ВО ПРОБИШТИП ЌЕ СТАНЕ ФОТОВОЛТАИЧНА ЦЕНТРАЛА, ЗА ДЕНОТ НА РУДАРИТЕ НАГРАДИ ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО „БУЧИМ“ И „ДОБРИ ДОЛ“

    ЈАЛОВИШТЕТО ВО ПРОБИШТИП ЌЕ СТАНЕ ФОТОВОЛТАИЧНА ЦЕНТРАЛА, ЗА ДЕНОТ НА РУДАРИТЕ НАГРАДИ ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО „БУЧИМ“ И „ДОБРИ ДОЛ“Рудникот „Бучим“ секоја година го остварува планот на годишно производство од 40.000 тони бакарен концентрат.(Фото: „Бучим“)

    За денот на рударите 28 август, рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“ на 25 најдобри работници ќе им додели парични награди по 15.000 денари, а останатите од вкупно 650 вработени, 364 во „Бучим“ и 286 во „Боров Дол“ кои имаат просечна плата од 580 евра, ќе им се додели по 3.000 денари.

    Ова го соопшти раководството на „Бучим“ и „Боров Дол“ во чија организација ќе биде и утрешната прослава во Радовиш каде во чест на Денот на рударите и празникот Голема  Богородица која е заштитник на градот, концерт ќе одржи Каролина Гочева.

    Генералниот директор на „Бучим“ и рудникот „Боров Дол“, Александр Раков вели дека „Бучим“ секоја година го остварува планот на годишно производство од 40.000 тони бакарен концентрат.Исклучок ќе биде само оваа година кога во последниот квартал производството ќе се намали за 50 проценти поради започнатата модернизација на погонот, флотација.која треба да трае до март наредната година. Застарената опрема се заменува со нова која ќе озвозможи подобро искористување на металите во рудата. За да нема прекини на производството, замената ќе се изведува етапно.

    „Рудните резерви се проценуваат на 40 милиони тони бакарна руда со експлоатација најмалку до 2030 година. Сепак, се смета дека овој крај ќе има подолга рударска историја затоа што векот се продолжува со новиот рудник „Боров Дол“ кој има поднесено барање до Владата за припојување кон „Бучим“ како единствени рудуници за бакар во Македонија. Со припојувањето воопшто нема да се намалат работните места“ објаснуваат раководствата на правните субјекти ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш и ДПТУ „Боров Дол“ ДООЕЛ Радовиш.

    Рудникот „Бучим“ со експлоатација започнал во 1979 година и до 2000 година работи како претпријатие во државна сопственост, а потоа како приватна компанија која во 2003 година банкротира и производството е запрено. Новата ера за „Бучим“ започнува во 2005 година кога компанијата Солвеј Инвестмен Груп го добива меѓународниот тендер.

    Одбележување на денот на рударите ќе има и во Пробиштип каде рударството исто така е најважна индустриска гранка. По лошите години на стечај рудникот „Злетово“ минатата година успеа да се врати во кондиција откако компанијата „Булмак“ почна да управува со рудниците Злетово и Тораница и за кратко време станаа меѓу првите 30 успешни компании во земјата. Признанија и награди ќе добијат и 800 вработени во овие рудници. Рударите од двата рудника Денот го одбележуваат наизменично, па оваа година прославата ќе се одржи во рудникот Тораница во Крива Паланка.

    Во Домот на културата во Пробиштип ќе се одржат повеќе културно-уметнички и забавни програми бидејќи Денот на рударите е и Ден на градот.

    Советот на Општина Пробиштип ја започна постапката во прва фаза да се санира јаловиштето кое е во атарот на градот и со години е најголемо жариште на болести во овој крај. Во втора фаза се планира на тоа место на површина од неколку хектари да се изгради фотоволтаична централа. Од Општината се најавува дека во тек се измените на Генералниот и двата Детални урбанистички планови поврзани со јаловиштето кои треба да завршат до крајот на ноември, а потоа ќе се започне со реализација на големиот проект изградба на обновливи извори на енергија со фотоволтаична централа.

    За денот на рударите парични награди ќе има и за 760 вработените во рудникот за олво и цинк „Саса“ во Македонска Каменица, а 120 од нив ќе добијат и дополнителни награди. Некои посебни прослави нема да има поради смртта на тројца млади од ова рударско гратче кои загинаа во сообраќајни несреќи па рудникот одлучи да донира за поголема безбедност во сообраќајот. Рудникот „Саса“ со години наназад преку своите фондации го помага градот и секоја година вложува по 360.000 евра во разни дејности од општственото живеење на граѓаните во Македонска Каменица.

    Рудникот „Саса“ е најголемиот рудник со јамски коп во Македонија и веќе шеста година работи во состав на меѓународната компанија Централ Азија Металс која според раководството досега инвестирала над 55 милиони евра за модернизација на производството и за подобрување на безбедносните стандарди, работните услови, зачувувањето на животната средина и изградбата на инфраструктурата во Македонска Каменица.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира