По повод 50-годишнината од постоењето на ФИС Светскиот скијачки куп, во самиот центар на Загреб синоќа беше одржана ревијална трка со 18 поранешни победници во Светскиот куп. Околу 50 камиони работеа претходната ноќ да донесат 900 кубици снег и да ја претворат улицата Тома Бакач, која поминува покрај познатата загрепска катедрала до фонтаната Мандушевац на плоштадот Бан Јелачиќ, во скијачка патека.
На нешто помалку од 200 метри долгата патека, покрај која имаше неколку илјади гледачи, прв од 18-те легенди тргна Хрватот Ивица Костелиќ, а неговата сестра Јаница скијаше како последна. Покрај нив двајца, на импровизираната патека во центарот на Загреб скијаа уште Алберто Томба, Тина Мазе, Марк Џирардели, Пернила Виберг и Марсел Хиршер, меѓу другите. Иако трката беше ревијална, се мереше времето на скијачите, па првото место го освои Ренате Гечл.
„Не ни мислев дека ова е можно. Татко ми зборувапе за ова, дека е можно да дојдеш до плоштадот Бан Јелачиќ од планината Слјеме. Многу сум среќен што сум дел од ова“, кажа Ивица Костелиќ по трката.
Ревијалната трка беше и увертира на денешниот слалом на Слјеме.