Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека во Македонија сè помалку луѓе се грижат за извештатите и вестите од ЕУ и кажа дека без опиплив датум и план за пристапување веќе на никого нема да му биде гајле што вели ЕУ. Тоа им го објаснувал и на Французите за време на изготвувањето на францускиот предлог.
Зборувајќи на панелот „Збогум Европо(?) – Глобален вазал или глобален лидер“ на Блед стратешкиот форум во Словенија, Маричиќ го пофали говорот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел бидејќи првпат по пристапувањето на Хрватска во ЕУ, официјален претставник за првпат посочува конкретна временска рамка за пристапување. Мишел вчера кажа дека ЕУ треба да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година.
„Во 2005-6-7-8 година, кога европскиот амбасадор ќе држеше прес-конференција, имаше 100 камери и многу голем интерес. Што и да кажеше амбасадорот или извештајот за земјата на Европската комисија кога ќе излезеше, тоа беше тема во земјата три недели или месец дена, имаше конференции, ТВ емисии и слично. Денеска, кога ќе излезе извештајот за земјата, тој е во вестите една минута, на никого не му е гајле. Можеби неколку невладини организации ќе дадат изјави, но на никого не му е гајле. Тоа ми е стравот и тоа им го објаснував на француските претставници лани кога го изготвуваа францускиот предлог. Се плашиме дека без опиплив датум и план за пристапување веќе на никого нема да му биде гајле што вели ЕУ“, кажа Маричиќ.
Тој потсети дека во време на пандемијата на ковид-19, првите вакцини што дојдоа беа кинески и руски, подарок од соседна земја, а помошта од ЕУ, иако значителна, доцнеше.
За изјавата на Макрон дека ЕУ треба да се реформира пред да прими нови членки, вицепремиерот рече дека ние имаме многу трпение, посебно што сме многу искусна земја кандидат.