АРСОВСКА ГО ЗАБОРАВИ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, НЕ ГО САНИРА НИТУ КАЖУВА КОГА ЌЕ ПОЧНЕ

    АРСОВСКА ГО ЗАБОРАВИ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, НЕ ГО САНИРА НИТУ КАЖУВА КОГА ЌЕ ПОЧНЕСпоред податоците на Бирото за јавни набавки, Град Скопје уште нема распишано тендер за избор на фирма која ќе ја врши санацијата на мостот. (Фото: К. Попов)

    Мостот „Беласица“ четврти месец е затворен за сообраќај и пешаци, а санацијата уште не е почната ниту пак се знае кога и дали ќе почне. Градоначалничката Данела Арсовска, како и цел мандат досега, и овојпат не одговори на прашањата на САКАКДАКАЖАМ.МК кога ќе почне, што вклучува и колку ќе трае санацијата на мостот кој настрада во пожарот на 12 мај. Прашањата до нејзе и нејзиниот кабинет ги испративме минатата недела, но одговори не добивме.

    Според податоците на Бирото за јавни набавки, Град Скопје уште нема распишано тендер за избор на фирма која ќе ја врши санацијата на мостот. Тоа значи дека нема изведувач на градежните работи, а ако сега се распише тендер тој би траел неколку месеци, со оглед на законските рокови за спроведување на јавна набавка.

    Со активности на мостот досега почна само државната компанија ЕСМ, која на 14 јули стартуваше со промена на оштетени топловодни цевки.

    Експертизата за мостот, која ја правеше професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, е завршена и предадена на Град Скопје пред два месеца. Таа покажува дека мостот нема сериозни оштетувања, не се оштетени каблите за преднапрегање и потребна е лесна санација, која би траела околу еден месец.

    Но, на ваквите резултати на Гаревски реагираа домашни и странски експерти за градежништво и мостоградба, кои сметаат дека не се соодветно направени испитувањата.

    Проектантот на мостот Вукан Њагуљ смета дека не може само со дрон да се оцени дали каблите за преднапрегање се оштетени. Вели дека се неопходни испитувања на лице место и дополнителни пресметки. Според него, улогата на средишната плоча на мостот за негово правилно функционирање во ниту еден случај не може да се смета за споредна.

    „Напротив, со тоа што ги поврзува главните сандачести носачи во една целина таа значително ги намалува влијанијата во нив при несиметричното сообраќајно оптоварување. Ова може да се докаже со соодветна статичка пресметка, онака како што е направено и во главниот проект“, вели Њагуљ.

    Дека се потребни посериозни испитување на мостот алармираше деканот и професор на Градежниот факултет Горан Марковски. И тој смета дека не се направени сите потребни испитувања и анализи за оштетувањата за мостот да се пушти за сообраќај.

    „Јас не викам дека мостот има сериозни оштетувања, туку дека се потребни детални анализи, а колку што знам таква анализа не е направена. Не може да се врши испитување на каблите за преднапрегање со снимки со дрон, постојат начини, опрема и механизми како тоа се испитува“, изјави на 6 јули професорот Марковски.

    И францускиот експерт за мостоградба Жулијан Ердоган смета дека за да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање мора директно да им се пристапи и за тоа постојат специјални технологии.

    „Проектот не ми е познат во детали, но ако збориме за каблите за преднапрегање што се наоѓаат во мостот, постои технологија која овозможува да се испита нивната состојба. Ако каблите се надворешни, тогаш можеме директно да им пристапиме, а ако се внатрешни, има две различни технологии кои можат да се применат за нивно испитување. Значи, ако преднапрегањето е внатрешно, потребно е да се пристапи директно до каблите. За внатрешните кабли кои едноставно не се видливи постојат соодветни технологии за да се процени и испита нивната моментална состојба“, вели Ердоган кој е регионален директор на француската компанијата „Фресине“ специјализирана за конструкција на мостови со преднапрегање.

    А. АНТЕВСКА     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира