Општина Центар заврши со реконструкција на улицата Ленинова на потегот од булевар Партизански одреди до Клуб на пратеници во Скопје. Со реконструкцијата изведени се џебови за паралелно паркирање на колите на станарите исто како на улицата Орце Николов, и со тоа тротоарите се ослободија за движење на пешаци, а има и велосипедска патека.
„На Ленинова е поставена атмосферска, водоводната и фекалната канализација, подземно се спушти кабловската мрежа и се отстранија старите дрвени бандери со што се ослободија тротоарите. На улицата се поставени паркинзи за велосипеди, се обележаа велосипедски патеки од двете страни на улицата, се оформија и паркинзи за резидентните станари“, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Покрај новата урбана опрема, на улицата исто така се оформи и зеленилото со закројување на крошните од дрвјата кои го попречуваа видикот и ги оштетуваа фасадите на станбените згради.
Реконструкција на Ленинова чини 670.000 евра а градежните работи ги вршеше фирмата „Гама градба“, која ја градеше и улицата Козара, каде асфалтот неколку пати пука и се рони.
А. АНТЕВСКА