Полициска акција попладнево се спроведува на Клиниката за онкологија во Скопје. Акцијата, како што велат од Министерството за внатрешни работи (МВР), е по налог на Обвинителството од каде треба да дадат информации за што станува збор.
Од Основното јавно обвинителство ни рекоа дека уште трае акцијата, се прибираат докази и по завршувањето јавноста ќе биде информирана.
„По насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, со обезбедена судска наредба, од страна на МВР се преземаат дејствија во предистражна постапка за обезбедување докази кои ќе бидат предмет на анализи и вештачење со цел да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, ни рекоа од Обвинителството.
Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминална бизнис-мрежа на скопската Клиника за онкологија за препродавање скапа биолошка терапија на клиниката, која е воведена од 2019. „Фокус“ објави и дека на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар.