Од септември, Германската амбасада во Скопје ќе прима барања за виза за Западен Балкан за работа на неквалификуван кадар во Германија преку компанијата ВизаМетрик ДООЕЛ, соопшти амбасадорката Петра Дреклсер.
Со Новиот начин на аплицирање, по постапката за лотарија и известувањето од Амбасадата, подносителите на барањето во иднина ќе добијат дополнителна е-пошта од ВизаМетрик со барање преку посебен линк да си резервираат индивидуален термин по желба. Доделувањето фиксни термини отпаѓа. Барањата во иднина нема веќе да се поднесуваат во Амбасадата, туку исклучиво кај ВизаМетрик.
„Новата постапка им оди во прилог на сите сериозни интересенти, бидејќи на овој начин термин за поднесување на барање резервираат само тие што навистина сакаат и можат да поднесат барање. Моментално, секој месец преку 20% од термините што ги доделува Амбасадата не се искористуваат. Подолгото време на чекање што се создава поради тоа во иднина ќе се избегне. При поднесувањето на барањето во ВизаМетрик, подносителите на барањето имаат можност да одберат и други сервис-услуги за кои се плаќа надомест, на приме правење на фотографии за пасош на лице место или копирање на документи“, вели амбасадорката Дрекслер.
Освен таксата за виза што чини 75 евра, ќе се плаќа и 37.50 евра за услугата на ВизаМетрик, што треба да се платат непосредно по онлајн-резервацијата на терминот со банкарска уплата или дознака во денари. Обработката и одлуката за барањата за виза и понатаму ќе се одвива исклучиво преку Амбасадата. Истото важи и за месечните листи на чекање за термин како и изборот на подносители на барање по пат на лотарија што се спроведува во Централата на Министерството за надворешни работи во Берлин. ВизаМетрик ДООЕЛ само ќе прима барања и ќе ги враќа пасошите согласно одлуката што ја донела Амбасадата.