Администрацијата на Бајден за првпат во Украина ќе испрати контроверзна оклопна муниција што содржи осиромашен ураниум, според документот што го виде Ројтерс и што е одделно потврден од двајца американски функционери. Муницијата, што би можела да помогне во уништувањето на руските тенкови, е дел од новиот пакет воена помош за Украина, кој треба да биде претставен следната недела. Муницијата може да биде истрелана од американските тенкови „абрамс“, кои, според упатени во оваа тема, се очекува да бидат доставени до Украина во наредните недели.
Еден од функционерите рече дека претстојниот пакет помош ќе биде во вредност помеѓу 240 и 375 милиони долари во зависност од тоа што ќе содржи. Вредноста и содржината на пакетот сè уште се финализираат, велат функционерите. Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар.
Иако Велика Британија испрати муниција со осиромашен ураниум во Украина на почетокот од оваа година, ова ќе биде прва американска пратка на муниција и најверојатно ќе предизвика контроверзии. Тоа следи по претходната одлука на администрацијата на Бајден да обезбеди касетна муниција на Украина, и покрај загриженоста за опасностите што таквото оружје ги претставува за цивилите.
За употребата на муниција со осиромашен ураниум има жестока дебата, при што противниците како Меѓународната коалиција за забрана на оружјето со ураниум велат дека постојат опасни здравствени ризици од внесување или вдишување прашина од осиромашен ураниум, меѓу кои рак и вродени дефекти.
Нуспроизвод на збогатувањето ураниум, осиромашениот ураниум се користи за муниција бидејќи неговата екстремна густина им дава на куршумите способност лесно да навлезат во оклопот и да се самозапалат во жесток облак од прашина и метал. Иако осиромашениот ураниум е радиоактивен, тој е значително помалку радиоактивен од природниот ураниум, иако честичките можат да се задржат значително време.
САД користеа муниција со осиромашен ураниум во огромни количини во Заливските војни во 1990 и 2003 и во бомбардирањето на НАТО на поранешна Југославија во 1999. Нуклеарното тело на ОН, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), вели дека студиите во поранешна Југославија, Кувајт, Ирак и Либан „покажале дека постоењето остатоци од осиромашен ураниум дисперзирани во околината не претставува радиолошка опасност за населението во погодените региони”.
Сепак, радиоактивниот материјал може да придонесе за огромниот предизвик за повоено чистење на Украина. Делови од земјата се веќе полни со расфрлани неексплодирани убојни средства од касетни бомби и друга муниција и стотици илјади противпешадиски мини.