ФОНДОТ НА ПИОМ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ГО ПРОДАВА ХОТЕЛ „БИТОЛА“ ИАКО ДОСЕГА НЕМАШЕ КУПУВАЧИ, МОРА ДА СЕ НАПЛАТИ И ПОЗАЈМИЦАТА

    ФОНДОТ НА ПИОМ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ГО ПРОДАВА ХОТЕЛ „БИТОЛА“ ИАКО ДОСЕГА НЕМАШЕ КУПУВАЧИ, МОРА ДА СЕ НАПЛАТИ И ПОЗАЈМИЦАТАОд хотелот е однесено сè што беше вредно. (Фото: СДК.МК)

    Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) ќе продолжи со обидите за продажба на хотелот „Битола“ постапувајќи според одлуката на Владата донесена на 174 седница од 25 јули годинава, со која им се наложува продажба на деловниот објект зашто е од несуштинско значење за работењето на Фондот. Ова е одговорот од Фондот на ПИОМ на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК што ќе се преземе со некогаш репрезентативниот хотел „Битола“, во чии рамки имаше и пензионерски дом, а денес е искршен и ограбен.

    Хотелот наликува на на објект од хорор филмовите. Она што некогаш беа средени 300 соби за стари и изнемоштени лица, голем ресторан и банкетна и конференциска сала од отворен тип, сега е руина. Искршени се стаклата и инвентарот, го нема лифтот, уништени се кујната и собите. Местото каде што некогаш се одржуваа свадби, крштевки и други семејни веселби денес е сврталиште на сомнителни лица кои се собираат во вечерните часови и ограбија сè што беше вредно.

    Од Фондот потврдуваат дека тие стопанисуваат со објектот, но и тоа дека во неколку наврати им давале парични позајмици, но хотелот продолжил да работи со загуби.

    „Со објектот стопанисуваше Трговското друштво Борец ПИОМ ДОО Битола каде ПИОМ во основниот влог учествуваше со 99,91 проценти. Трговското друштво во изминатиот период имаше потешкотии во работењето, се соочуваше со намалување на обемот на работа, загуби во работењето и блокирана жиро-сметка поради неисплатени плати на своите вработени. Со цел да помогне и да даде можност објектот и понатаму да функционира, Управниот одбор на Фондот на ПИОМ во неколку наврати одобри парични позајмици за намирување на трошоците за електрична енергија, но истото продолжи да работи со загуби“, се вели во одговорот на Фондот.

    За да не се прават понатамошни трошоци по буџетот на Фондот, Управниот одбор во 2021 предложил, а Владата одобрила да се изврши продажба на објектот, а за трговското друштво да се отвори стечајна постапка.

    „За жал, досегашните огласи за продажба по пат на јавно наддавање се неуспешни, односно не се пријавил ниту еден заинтересиран купувач“, додаваат од Фондот.

    Домот со хотелот беа изградени со средства на пензионерите во рамките на Фондот за станбена изградба. Катанец на вратата беше ставен во март 2022, кога беше иселен и последниот станар.
    За барањето на Здружението на пензионери од Битола објектот да им се отстапи за да го претворат во старечки дом, од Фондот одговараат дека немаат таква законска можност. Посочуваат дека мора да постапат согласно препораките на Државниот завод за ревизија, каде е нагласено да се продолжи со активности за продажба на објектот со цел конечно решавање на статусот на друштвото и наплата на позајмицата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира