Намалувањето на казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување се прават баш сега , во договор со кривично гонети лица од ВМРО-ДПМНЕ за возврат дел од пратениците да гласаат за уставните измени, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК од владејачката коалиција.
„Сѐ е договорено и затоа молчат дури и меѓународните фактори. Договорот оди доминантно преку избеганиот Никола Груевски, тој ги обезбедува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе треба да стиснат зелено копче за уставните измени. Логично, од ова спуштање на затворските казни, за кое се бори со години ВМРО-ДПМНЕ, полза имаат само обвинети или осомничени структури од оваа партија. Од СДСМ и од ДУИ уште нема обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за злосторничко здружување, тоа би било евентуално кога би ја изгубиле власта. Овој договор со ВМРО-ДПМНЕ и со Груевски траеше извесно време и затоа премиерот Димитар Ковачевски цело време спокојно тврди:’Уставни измени ќе има’!”, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК соговорници од власта.
САКАМ ДА КАЖАМ.МК се јави во експертската група за измена на Кривичниот законик, која работи со меѓународна помош скоро три години, со прашање: „Вие ли стоите зад оваа амнестија на највисокиот криминал во нашиот кривично-правен систем?”.
Одговорот што го добивме оттаму е: „Не. Нас никој не не’ прашал. Нас не’ прескокнаа, не знаеме што е ова, од кои причини се изврши овој упад и зошто баш во овој момент” .
Ваков обид и покрај претходното жестоко противење, владејачката коалиција имала во 2019 година, за уставните измени за додавање на зборот „Северна“ во уставното име. Но тогаш идејата успеале да ја спречат Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, претставници од Шарената револуција кои влегоа во Парламент преку листата на СДСМ. Тогаш напорот бил преку истите овие измени на КЗ што се сега, да се спаси синот на пратеничка, тогаш обвинет во случајот „Трансмет”.
Како и да е, велат соговорниците, со овој потег со еден куршум се убиваат три зајака: се обезбедува двотретинско мнозинство, се спасува Груевски и најблиските соработници за кои уште се водат постапки, и носителите на функции од СДСМ и ДУИ за во иднина си обезбедуваат условни казни и брзо застарување на кривичното гонење, во случаи каде би биле апсени и обвинети.
С. К. ДЕЛЕВСКА