Триумф и феноменален филм е првата оценка од британското филмско списание „Скриндејли“ за новиот филм на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“, кој вчера имаше светска премиера во Венеција.
„Домаќинство за почетници“ е дел од натпреварувачката програма Хоризонти, додека документарецот „21 ден до крајот на светот“ на Теона Митевска, исто така вчера, се прикажа во програмата Денови на авторите (или Венециски денови).
„Долги стоечки овации и многу солзи во преполната сала Дарсена, ‘Домаќинство за почетници’ ја воодушеви публиката!“, објави Агенцијата за филм на Фејсбук.
Критиката во „Скриндејли“ вели дека Горан Столевски добива уште еден триумф во оваа домашна приказна за маргинализираните луѓе.
„Последниот филм од австралискиот режисер роден во Македонија, Горан Столевски е феноменално достигнување – нескротлива, детална драма која пука со толку многу бесна енергија, што практично добивате шок од екранот… Самоуверениот, карактеристичен глас на Столевски како филмски уметник е очигледен уште од самиот почеток… Неговото раскажување е свежо, автентично и навистина возбудливо“, се дел од пофалбите во рецензијата.
„Домаќинство за почетници“, третиот филм, а прв македонски, на Столевски, беше поддржан од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2020 со 350.000 евра, меѓу четворица дебитанти, а продуцентка на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“. Филмот се снимаше лани во Скопје, а играат Сара Климоска, прочуената романска актерка Ана Марија Маринка и Романката Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.
Директор на фотографија е Наум Доксевски, Роза Трајческа-Ристовска е костимографка, Александара Чевреска е арт директорка, Горан Игњатовски е маскер. Ана Жежничек од Полска е сценографка, Леонора Мехмети Хоџа од Косово е дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска се композитори, Зоран Максимовиќ од Србија е снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија е дизајнерка на звук.
Претседател на жирито на Хоризонти годинава е италијанскиот режисер, сценарист и продуцент Јонас Карпињано.
„Домаќинство за почетници“ ќе го отвори 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола (23-29 септември).
Б. НЕСТОРОСКА