БРАЧЕН ПАР ОД АВСТРИЈА КОЈ БИЛ НА МЕДЕН МЕСЕЦ ИСЧЕЗНА ВО ПОПЛАВИТЕ ВО ГРЦИЈА

    БРАЧЕН ПАР ОД АВСТРИЈА КОЈ БИЛ НА МЕДЕН МЕСЕЦ ИСЧЕЗНА ВО ПОПЛАВИТЕ ВО ГРЦИЈАБурата Даниел најтешко ги погоди централна и западна Грција

    Брачен пар од Австрија кој бил на меден месец во Грција се води како исчезнат во поплавите кои ја погодија земјата по поројните дождови. Младите Австријци одлучиле да останат засолнети во бунгаловот во одморалиштето Потистика во регионот Пелион што го изнајмиле за медениот месец и властите кажаа дека тој бил однесен од надојдените води во вторникот.

    Грчката противпожарна бригада соопшти дека ја пребарува областа во потрага по исчезнати луѓе, што ги вклучува и Австријците. Потврдено е дека во поплавите во Грција, Бугарија и Турција оваа недела загинаа најмалку 14 луѓе, а има и исчезнати.

    Бурата Даниел најтешко ги погоди централна и западна Грција, каде што предизвика катастрофални уништувања. Во некои делови наврнале 800 милиметри дожд во изминатите денови, што е повеќе од вообичаените годишни количини. Рамнината во Кардица во регионот Тесалија е претворена во езеро, а селата околу градот Паламас се потопени. Градоначалникот на Паламас упати драматичен апел за помош, велејќи дека луѓето се заглавени во своите домови.

    „Ситуацијата во Паламас е трагична. Водата е висока 1,5-2 метра. Луѓето се заглавени и би можеле да се удават“, изјави Јоргос Сакелариу.

    Екстремното невреме ги погоди и Атина, островот Скијатос и крајбрежните области Волос и Пелион.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира