Министерството за култура по секоја цена сака да ја дислоцира тетовската библиотека и да ја префрли во други помали и неадекватни простории. Деновиве до НУ Библиотека „Кочо Рацин“ од Тетово стигнало писмо од Министерството за култура, со кое се бара во рок од 15 денa библиотеката да се исели од просториите каде се наоѓа сега, а кои се во состав на Центарот за култура. Овие простории на библиотеката, Министерството сака да ѝ ги даде на Делегацијата на Европската унија. Вработените од библиотеката во Тетово се жалат дека новите простории кои им ги дава Министерството се неадекватни за библиотекарска дејност и се со помала квадратура од сегашната во која работи библиотеката.
„Одлуката од Владата стигна минатата недела, а во четвртокот стигна и писмо од Министерството за култура со кое се бара да се сместиме во други простории. Овие простории каде треба да се префрлиме не ги исполнуваат ниту минималните услови за библиотека. Ние и на овој простор каде што сега работиме, немаме добри услови за работа, а во просторот што сега ни го даваат, условите ќе бидат далеку полоши. Од Министерството ни рекоа дека ќе ги адаптирале просториите во кои треба да се префрлиме, но до сега таму ништо не е преземено, па дури уште стојат клупите и столчињата од Факултетот за музичка уметност од Државниот универзитет кои до неодамна тука изведуваше настава“, изјави Махи Муртезани, библиотекар во „Кочо Рацин“.
Во просторот каде Министерството сака да ја дислоцира Градската библиотека има само четири простории, од кои само во две можат да се сместат полиците со книги. Другите две се многу помали и се со низок таван и таму не можат да се сместат полици со книги. Исто така, во овие простории нема тоалет за вработените.
„Ние не сме против да нè иселат од локацијата каде сега работиме, но ако нè селат нека ни дадат поголеми и подобри простории или барем исти како што сега ги имаме, а не да нè носат на полошо место. Велат дека новиот простор бил со поголема квадратура, но тоа не е точно бидејќи како деловен простор тие ги внеле и скалите и две целосно нефункционални простории. Нашиот книжевен фонд изнесува околу 90.000 книги, а во новите простории половината од нив ќе мора да ги ставиме во пакети и така ќе бидат недостапни за 5.000 активни читатели колку сега ги има библиотеката“, вели Муртезани.
З. АНДОНОВ