СО ОКОЛУ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ СЕ РЕНОВИРА ПРОСТОРОТ ПОД ОПЕРАТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ-ОРКЕСТАР

    СО ОКОЛУ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ СЕ РЕНОВИРА ПРОСТОРОТ ПОД ОПЕРАТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ-ОРКЕСТАР„Со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории“, рече Костадиновска-Стојчевска. (Фото: Министерство за култура)

    Просторот кој го доби Националниот џез-оркестар како траен дом ќе се реновира за 11,7 милиони денари (околу 200 илјади евра), од кои 10 милиони се средства од ТАВ програмата, кажаа денеска на прес-конференција во Владата вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Станува збор за простор од 475 квадратни метри, под објектот на Националната опера и балет (НОБ) каде порано имаше дуќан со килими, а е во државна сопственост и во владение на Министерството за култура. Тоа е простор спроти просториите на КУД „Орце Николов“.

    „Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната опера и балет.
    Со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории.
    Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Владата на 20 јуни ја донесе одлуката за трашно решение за Џез-оркестарот, или попознат како Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, по кавгата меѓу Филхармонија и Министерството за култура. На 31 март, 108 вработени од Филхармонијата потпишаа петиција против одлуката на Владата и рекоа дека не сакаат да го делат објектот со колегите од Џез оркестарот, иако пола од новиот оркестар се вработени музичари во Филхармонијата.

    Синдикатот на Филхармонијата, чија директорка е Тина Иванова, три месеци организираше протести пред Владата и пред Министерството за култура, а музичарите на концертите во знак на протест носеа жолти, па црвени ленти. Во оваа кампања, музичарите на Филхармонија бараа и оставка од министерката за култура.

    Најавувајќи го решението за новиот простор на Џез оркестарот, министерката Костадиновска-Стојчевска на прес конференцијата на 20 јуни кажа дека очекува „извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“. Но, не доби извинување од директорката Иванова ниту од  Управниот одбор на Филхармонијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира