ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ ЌЕ ДОБИЕ СВОЈ ПРОСТОР ПОД ОПЕРА И БАЛЕТ, ОЧЕКУВАМ ИЗВИНУВАЊЕ ОД ДИРЕКТОРКАТА И СИНДИКАТОТ НА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ЛАГИТЕ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ ЌЕ ДОБИЕ СВОЈ ПРОСТОР ПОД ОПЕРА И БАЛЕТ, ОЧЕКУВАМ ИЗВИНУВАЊЕ ОД ДИРЕКТОРКАТА И СИНДИКАТОТ НА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ЛАГИТЕ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА„Очекувам јавно извинување од директорката на институцијата и од Синдикатот, кои манипулираа со јавноста и публиката“, кажа министерката Костадиновска-Стојчевска. (Фото: К. Попов)

    Националниот џез-оркестар ќе добие свој траен простор, под објектот на Националната опера и балет(НОБ), кажа денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. За ова трајно решение одлучи Владата на денешната седница. Станува збор за простор од 475 квадратни метри, каде порано имаше дуќан со килими, а е во државна сопственост и во владение на Министерството за култура. Тоа е простор спроти просториите на КУД „Орце Николов“.

    Кавгата меѓу Филхармонија и Министерството за култура трае речиси три месеци, откако 108 вработени од оваа музичка институција на 31 март потпишаа петиција против одлуката на Владата и рекоа дека не сакаат да го делат објектот со колегите од Џез оркестарот, иако пола од новиот оркестар се вработени музичари во Филхармонијата. Синдикатот на Филхармонијата, чија директорка е Тина Иванова, организираше протести пред Владата и пред Министерството за култура, а музичарите на концертите во знак на протест носеа жолти, па црвени ленти. Во оваа кампања, музичарите на Филхармонија бараа и оставка од министерката за култура.

    „Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Сега, чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“, кажа министерката.

    На нашето прашање дали ќе има одговорност за директорката, рече дека во моментов нема таква одлука.

    Костадиновска-Стојчевска рече дека следната недела ќе биде претставено идејното решение за реконструкција на објектот кој ќе го користат џез музичарите и дека формалното формирање на новата институција е во завршна фаза.

    „Очекувам од музичарите во Филхармонија да си го исполнат ветувањето и да им дозволат на колегите да одржуваат генерални проби и концерти во салата на Филхармонијата“, рече министерката.

    Стојчевска ги повика сите вработени во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите, затоа што како што рече, „тоа сите ѝ го должиме на публиката“.

    „Ова е крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари. Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија“, рече министерката.

    Таа кажа дека се надева оти претседателот на Синдикатот на Филхармонија ќе има минимум доблест на јавноста, но пред сè на своите колеги, да им се извини за сите пласирани манипулативни соопштенија во кои, како што рече, „немаше ниту грам синдикализам, а уште помалку култура и со тоа креираше погрешна слика во јавноста дека музичарите се нетрпеливи и тесногради едни кон други“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира