БИБЛИОТЕКАТА „КОЧО РАЦИН“ ДО 2027 ЌЕ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО НОВИОТ ОБЈЕКТ ВО ТЕТОВО, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    БИБЛИОТЕКАТА „КОЧО РАЦИН“ ДО 2027 ЌЕ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО НОВИОТ ОБЈЕКТ ВО ТЕТОВО, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАБиблиотеката останува во Центарот за култура во Тетово, на друга страна, а министерката вели дека функционирањето воопшто не е доведено во никаква опасност. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово само ги менува просториите во рамките на истата институција, односно останува во Центарот за култура и дека функционирањето на Библиотеката воопшто не е доведено во никаква опасност.

    Деновиве до Библиотеката стигнало писмо од Министерството за култура, со кое се бара во рок од 15 дена библиотеката да се исели од просториите каде се наоѓа сега, а кои се во состав на Центарот за култура. Овие простории на библиотеката, Министерството сака да ѝ ги даде на Делегацијата на Европската унија. Вработените од библиотеката во Тетово се жалат дека новите простории кои им ги дава Министерството се неадекватни за библиотекарска дејност и се со помала квадратура од сегашната во која работи библиотеката.

    „Тоа значи дека од едни 460 квадратни метри Библиотеката се преместува во други 460 квaдратни метри, на другата страна од објектот. До мене не се стигнати никакви реакции, нити од вработените, нити од директорката. Напротив, ова беше направено со нивна согласност. Кога ќе се преместат во новите 460 квадратни метри во истата институција, таму ќе се направат потребните реновирања, доколку има потреба за да се адаптира тој простор. Тоа ќе се направи со многу голема брзина, за да не се доведеме во ситуација Библиотеката да не работи. Сакам да напоменам дека ова никогаш не ни била крајната дестинација. Таа ќе биде сместена во новиот објект кој се гради, кој со одлука на Влада е проектирано дека треба да се заврши до 2027 за шпто се издвоени 39 милиони евра. Во нова зграда ќе бидат сместени и Библиотеката во Тетово и Театарот. Што значи дека до финализирање на тој објект, во Центарот за култура ќе функвионира непречено како и досега“, рече министерката на прес-конференција за реновирањето на просторот на Националнит џез-оркестар.

    На новинарско прашање за реакциите на вработените дека просториите не се соодветнии, Костадиновска-Стојчевска додаде дека не е е точно дека нема да можат да функционираат, и уверуваше дека добиваат осовременет простор кој досега го користел Универзитетот.

    „Ние не сме против да нè иселат од локацијата каде сега работиме, но ако нè селат нека ни дадат поголеми и подобри простории или барем исти како што сега ги имаме, а не да нè носат на полошо место. Велат дека новиот простор бил со поголема квадратура, но тоа не е точно бидејќи како деловен простор тие ги внеле и скалите и две целосно нефункционални простории. Нашиот книжевен фонд изнесува околу 90.000 книги, а во новите простории половината од нив ќе мора да ги ставиме во пакети и така ќе бидат недостапни за 5.000 активни читатели колку сега ги има библиотеката“, вели библиотекарот Махи Муртезани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира